29/03/2024
Охрид

„Поврзи се“ – Промоција и изложба на хаиги во кафѐ и бар Шила

Во четврток, 26.07 2018, од 19:00-21:00ч. во кафе-галеријата „Шила“ во Охрид ќе биде промовирана збирката хаиги и поставена изложба на хаиги „Поврзи се…“ од Дијана Петкова и Камелија Шојлевска. Книгата ќе ја промовираат авторките, а хаигите ќе бидат изложени во до 30.07 2018.

Проектот „Поврзи се…“ содржи 50 хаику песни од Дијана Петкова и 50 фотографии од Камелија Шојлевска инспирирани од природните убавини на Македонија, споени во хаиги.

Рецензија за книгата напиша Катерина Ангеловска-тренерка за личен развој, којашто вели:

„Поврзи се…“ е подарок за сите нас, подарок што ни овозможува да се поврземе со нашето суптилно јас и нè тера повторно да копнееме. „Поврзи се…“ е враќање дома.“

Хаику е кратка јапонска поетска форма. Тоа е песна составена од три стиха со вкупно 17 слога. Во хаику стиховите авторт го впишува своето моментално расположение и доживување предизвикано од набљудувањето на природата или природните појави. Хаику е поезија на секојдневието.

Хаига е стил на јапонско сликање во кое е содржана хаику песна. Хаигата се заснова на едноставни, но и длабоки набљудувања на секојдневието. Современата хаига е поврзување на хаику песна со фотографија (цртеж, графика, колаж, акварел), коишто за читателот и гледачот претставува вербално и визуелно доживување на моментот.

Ова е уште еден настан во низата квалитетни културни вечери организирани во „Шила“-концептуален кафе-бар којшто сè повеќе се истакнува како алтернативна арт-сцена во Охрид. Отворени за соработка и споделување на уметноста во секоја нејзина форма, од „Шила“ ги охрабруваат креативците да го промовираат своето дело.