19/04/2024
Охрид

Познати добитниците на повелбата за 2021 година

Повелбата „Св. Климент Охридски – Патрон на градот Охрид“ годинава се додели  постхумно на Мишко Јузмески, на Гордана  Лолеска и на здружението „ЕКО ФАП“ од Охрид.

До комисијата за одбележување празници и манифестации и доделување награди и признанија  при Општина Охрид во состав: Перчо Божиноски – претседател, Бојан Михајловски – заменик претседател  и членовите, Горан Стојаноски, Наум Јамандиев и Арбен Демироски пристигнале осум апликации.

Претседателот на Комисијата, Перчо Божиноски на прес-конференција образложи за кои добитници на Повелбата станува збор.

– Повелбата се доделува постхумно на Мишко Јузмески, писател, фотограф, културен и туристички работник, научен истражувач, публицист и полиглот. Гордана Лолеска е голем борец и хуманитарец, поддржувач на потребите на пациентите со ретки болести но и лица со хронични болести. Здружението ЕКО  ФАП  е доброволно, противпожарно и хуманитарно здружение. Нивните остварувања и достигнувања се за почит и се од посебен придонес во развојот , напредокот и афирмацијата на Општина Охрид, како во Република Македонија така и во Светот. Апостолското дел и мисија на Свети Климент се должни за почит, но и поука  за сите генерации  дека чувањето на културната, јазичната и националната посебност е исконска должност и аманет  рече Божиноски.