20/04/2024
Струга

Пред бројна публика, во Струга, промовирана поетската збирка “Татковиот аманет” од Димче Шипинкаровски

Синоќа во Струга, во присуство на голем број љубители на поетскиот збор, што е невообичаено кај нас за вакви прилики, промовирана е поетската збирка на Димче Шипинкаровски, “Татковиот аманет”, во издание на Здружението за литература, култура и наука “Бран” од овој град.

Градот на поезијата, преку врвната манифестација, поетскиот фестивал – СВП, очигледно создале публика, со бројки и интерес, на кои можат да позавидат и многу метрополи.

Димче е добитник на награда, за 2022 година, на престижната поетска манифестација “Антево Слово”, која се доделува во чест на истакнатиот македонски поет Анте Поповски.

Промотори на книгата беа писателот и поет, професор д-р Христо Петревски, претседател на Здружението на писателите на Македонија, заедно со новинарите и публицисти, Мишо Китаноски и Веле Митаноски.

-Во неговите свежи, доживеани и искрени песни, тој ја раздиплува целата своја интима, исполнета со немир, страст и пркос, потенцираше, меѓу другото, Петревски, кој ја напиша и рецензијата за книгата, насловена “Чинот и радоста на создавањето”.

Петревски, како ветувачки момент ја истакна архаичноста на неговото поетско пеење. Со неговите мисловни бисери: житаров пладневен ден… утринско јаве за пеколен ден… поленов млеч… ореова гламна и слично.

Китаноски во песните чита компетентност и умешност на авторот да навлегува во нови мисловни хоризонти, да продира во смислата и филозофијата на животот, затоа што веќе има најави за тоа. Посебно ја издвои песната “Рибарски марифети”, кога пее за судирот помегу доброто и злото, помегу злото и љубовта.

Митаноски ги потенцираше концентричните кругови на љубов и човекољубие, кај авторот – од семејството, преку другарите и пријателите, на што лично сведочиме секојдневно и во секоја прилика, а кои се шират до целината, до целиот народ, до Македонија, светот, галаксијата.


WebOhrid / 13.08.2022 / В.М.