19/04/2024
Македонија

Предизвиците за заштита на приватноста при спроведување на мерки за справување со COVID-19

Мерките кои се преземаат за справување со COVID-19 се во фокус на владите, јавните и приватните претпријатија, граѓанскиот сектор низ целиот свет. Сосем очекувано, динамичните мерки во голема мера го допираат и прашањето на обработка на различни категории на лични податоци. Законите за заштита на личните податоци, вклучувајќи ја и Општата регулатива за заштита на личните податоци (GDPR – General Data Protection Regulation) не претставуваат пречка за спроведување на мерките кои се преземаат за борба со пандемијата и истите треба да бидат поддршка за заштита на интересите на граѓаните.

Неколку прашања поврзани со правото на заштита на личните податоци при носење на нови мерки за справување со COVID-19 предизвикаа дебата во Република Северна Македонија. Првото прашање е поврзано со следењето на движењето на граѓаните кои се во самоизолација преку мобилна апликација, односно со следење на гео-локацијата. Второто прашање пак се однесува на јавното објавување на име, презиме и адреса на живеење/престојување на лицата кои се во самоизолација.

Следејќи ги принципите за заштита на личните податоци утврдени во Законот за заштита на личните податоци, вклучувајќи ја и Општата регулатива за заштита на личните податоци (GDPR – General Data Protection Regulation), особено треба да се има предвид законитоста на обработката на личните податоци. Институциите кои се директно вклучени во носење и спроведување на мерките за борба со COVID-19 обработуваат различни категории на лични податоци потребни за заштита на суштествените интереси на земјата во областа на јавното здравство. Особено е важно тоа што во вонредни состојби како оваа, институциите не се обврзани да обезбедат согласност од граѓаните за обработка на лични податоци. Иако согласноста од граѓаните не е услов за обработка на личните податоци, властите се должни личните податоци да ги обработуваат за специфични и јасни цели, да бидат транспаренти и да ги известат граѓаните за начините на обработка на нивните лични податоци, обемот на личните податоци кои се обработуваат како и за роковите во кои овие податоци ќе бидат чувани.

Следење на локација на мобилен телефон

Владите на неколку земји во Европа сметаат дека следењето на локацијата на мобилните телефони е потенцијално добра мерка за справување со COVID-19. Согласно регулативите за обработка на телекомуникациски податоци, податокот за локацијата може да биде обработуван од страна на операторот само доколку е анонимизиран или со претходна согласност на субјектот на личните податоци на кој се однесува. Но, во вонредни состојби, исклучокот од ова правило вели дека Владата може да донесе мерки кои пред се ќе имаат за цел заштита на јавното здравје и безбедност, притоа водејќи сметка за оправданоста на потребата, обемот на податоци и ограничувањето на роковите во кои овие податоци ќе се обработуваат. Пред носењето на одлука за користење на вакви инвазивни мерки, Владата треба да направи сериозна проценка на капацитетите на оние кои ќе бидат инволвирани во самото нејзино спроведување. Таа проценка особено треба да одговори на прашањата кои институции ќе имаат пристап до овие податоци, кој ќе ја врши контролата над процесот на следење, на кој начин и во кој момент ќе престане следењето на лицата кои се излекувани или чиј период на самоизолација поминал и дали државата обезбедува соодветна судска заштита на лицата чие право на заштита на лични податоци може да биде повредено  при спроведувањето на оваа  мерка.

Јавно објавување на име, презиме и адреса на живеење/престојување

Согласно Законот за заштита на личните податоци, податоците што се однесуваат на здравјето, вклучувајќи и податоци за добиената здравствена заштита се посебна категорија на податоци или чувствителни лични податоци. Со самото ова, забранета е обработка на посебните категории на лични податоци освен по исклучок односно ако обработката е неопходна за целите од јавен интерес во областа на јавното здравство, како што се заштита против сериозни прекугранични закани за здравјето или обезбедување на високи стандарди за квалитет и безбедност на здравствената заштита. Овој исклучок се однесува на обемот на личните податоци кои се собираат без согласност на граѓаните во време на криза како што е справувањето со COVID-19, нивното споделување помеѓу институциите, мапирањето и слично. Овој исклучок НЕ се однесува на јавно објавување на личните податоци за инфицирани лица или лица во самоизолација.

Пред одлуката за носење на нови мерки за справување со COVID-19, потребно е:

  • Широка консултација со институциите, Агенција за заштита на личните податоци, Оперативно техничката Агенција, Министерство за внатрешни работи како и релевантните граѓански организации кои дејствуваат во областа на заштита на човековите права.
  • Анализа на судската пракса особено заради фактот што Европскиот суд за човекоави права има донесено одлуки со кои го дефинира јавното објавување на лични податоци на заболени од вирус како против законско.
  • Спроведување на сериозен тест на штетноста од примената на предвидените мерки во смисла на тоа кои права би се нарушиле во име на штитење на суштинските интереси на државата (повреда на правото на приватност, стигматизација на заболените и нивните семејства и слично).
  • Анализа на искуствата од спроведувањето на исти или слични мерки во останатите земји која може да послужи како пример и поука и во нашата земја.

Во консултација со членките на EDRi – European Digital Rights Initiative, презентираме дел од искуствата на неколку европски земји.

Во Холандија, со посебна одлука на Владата е предвидено Министерството за здравство во рок од 24 часа од добивањето на позитивен тест на COVID-19 да го извести градоначалникот на оптината во која инфицираното лице живее за неговиот идентитет и здравствена состојба. Единствено што смее Градоначалникот на општината е да изрече мерка за задолжителен домашен или болнички карантин на инфицираното лице при што во секое време може да користи помош од полицијата за проверка на тоа дали лицето ја почитува мерката без притоа да ја наруши приватноста на инфицираното лице. Согласно важечките законски норми во Холандија, јавно објавување на лични податоци на инфицирани лица или лица во самоизолација воопшто не е опција.

Словачка објави детална мапа со локација на лица заразени со COVID-19. Мапата не содржеше име и презиме но содржеше пол и години на старост, а овозможено беше и зумирање за подетален увид во адресата. Експертите од областа на заштита на личните податоци ова решение го сметаат за проблематично особено неговата примена за помалите градови и села каде што идентитетот на лицата е лесно да се открие и истите да бидат стигматизирани. Само неколку дена по објавувањето на мапата, Владата даде изјава за извинување до граѓаните каде што ја признава грешката, а податоците на мапата се сведени само на податок за општината и бројот на заболени. Употребата на деталната мапа е строго ограничена на институциите надлежни за спроведување на мерките и тоа со посебно донесен закон исклучиво за вонредната состојба додека трае пандемијата.

Во Ирска, стигматизирањето на лицата заразени со COVID-19 е една од основните причини заради која јавното објавување на лични податоци не е дозволено. Според ставот на властите, објавувањето нема да резултира со ништо друго освен со голем број на лица кои ќе одбијат да се тестираат само за да не бидат јавно објавени доколку се заразени. Тргнувајќи од овој став, во откривањето на првите случаи, властите објавиле само дека станува збор за граѓани од источниот дел на земјата без притоа да ги наведат општините од кои лицата доаѓаат. Кога се појавил случај на заразен вработен во училиште, било објавено името на училиштето, па интересот на медиумите за да се открие кој е заразениот бил осуден од граѓаните како нарушување на приватноста.

Чешка исто така е на став дека објавувањето на личните податоци на заразените лица или лица во самоизолација е опасно заради можноста од насилство од околината и стигматизација на лицето. Еден случај го зајакнал ставот на властите, а тоа било случај кога во мало место во Чешка тим од здравствени работници дошол да земе брис од млад човек штотуку вратен од Перу. Локалното население кое ја видело оваа ситуација веднаш почнало да врши притисок врз целото семејство да не излегува од куќата ниту да се движи било каде во населбата.

Во Израел се користат две мобилни апликации. Првата на граѓаните им дава информација дали биле во близина на лице заразено со COVID-19, додека втората за тоа дали биле во близина на лице во самоизолација. Ниту една од двете апликации не ја открива точната локација или идентитет на лицата. Дополнително, Израел ја користи безбедносната инфраструктура на земјата во целост, вклучувајќи ги и мерките за борба против тероризмот.

Над 90 земји спроведуваат слични мерки за справување со COVID-19, а притоа внимаваат на балансот помеѓу заштитата на јавниот интерес и основните човекови права.