28/03/2024
Македонија

Предложените реформи од МОН во целосна согласност со препораките на Светска банка

Предложените реформи во основното образование од страна на МОН се во целосна согласност со препораките на Светска банка,  објавени во последната белешка која се однесува на основното образование во Северна Македонија. 

Светска банка препорачува создавање на подобар образован систем во којшто учениците ќе се во фокусот, а наставниците ќе добијат поддршка, како и подобрување на условите во училиштата со што ќе се обезбеди инклузивен пристап.

За потсетување новата Концепција за основно образование на МОН, предвидува развој на критичкото размислување кај учениците, како и поврзување на знаењата низ различни дисциплини токму низ интеграција на предмети, што е препорака и на Светска банка.

„Преку наставната програма учениците мора да се стекнат со вештини што им се потребни за да се развие нивното критичко мислење како и да бидат активни и релевантни учесници во општествениот живот. Исто така треба да им се помогне на учениците подобро да ги поврзат различните предмети и да го применат своето знаење во реални ситуации. Процесот на учење треба да биде организиран на начин што овозможува да им се слушне гласот на сите ученици и врз основа на повратните информации, да бидат свесни за постапките што ги презеле“, стои во документот на Светска банка.

Според Банката, инвестирањето во основното образование е докажано дека дава поголеми резултати споредено со подоцнежните степени на образование и обука и има одлучувачки придонес во развојот на човечкиот потенцијал. Во своето писмо тие се осврнуваат на важноста за обезбедување на кариерен развој за наставниците, нешто што веќе е предвидено со реформите.

„Наставниците се срцето на процесот на учење и треба постојано да се поддржуваат и зајакнуваат. Оваа поддршка значи овозможување за напредување во кариерата како основа за градење на капацитети и обезбедување постојан професионален развој така што ќе можат подобро да ги утврдат и да ги разберат потребите за учење на учениците, особено на оние во ризик. Сите овие чекори треба да им помогнат на наставниците да станат подобри и поефективни едукатори“, стои во белешката на Светска банка.

Со сите овие елементи кои се дел и од предложената реформа на МОН за основно образование, според Светска банка ќе се намалат последиците од Ковид-19 врз образованието, а кризата ќе се искористи како можност за напредок.