19/04/2024
Македонија

Премиерот Заев го посети настанот „Запознај ја Преспа” на плажата Дупени

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија денеска го посети настанот „Запознај ја Преспа“ кој вклучува активности и на плажата во Дупени. 

„Убеден сум дека ќе го привлечеме вниманието на сите граѓани од Северна Македонија, да го користат целиот летен период за да го посетат Преспанското Езеро и да ги видат убавините“, порача премиерот Зоран Заев на дводневниот настан „Запознај ја Преспа”.

Тој истакна дека се надева дека со настанот „Meet Prespa”, што се одржува викендов во Преспа, се започнува една убава традиција што ќе го одбележи пријателство, меѓу Северна Македонија, Албанија и Грција, посебно преку импликација на дружење со младите.

„Младите кои се тука од нашата земја, Албанија и Грција се навистина одличен пример на соработка, на иднина, на перспективи. Верувам дека овој туристички потенцијал заедно со моментумот на политичкиот договор што значи прогресивност и иднина, ќе одбележи една одлична можност ем на дружење, ем на креативност и на развој на туризмот на ова прекрасно место“, истакна Заев.

Во рамки на дводневниот настан „Запознај ја Преспа” на Дупени бич денеска се одржува и дегустација на традиционална храна каде присутните имаат можност да ги вкусат највкусните традиционални специјалитети како ѓомлезе, аршлама, разни зелници, питулици, циронки, белвици, штрудла со домашни овошја…

Градоначалникот на Ресен Живко Гошаровски истакна дека денеска се спроведува прекрасна презентација и дегустација на многу продукти од Преспа. Наведе дека во рамки на настанот се спроведуваат повеќе младински активности, меѓу кои и акција за чистење во Отешево.