18/04/2024
Македонија

Премиерот Заев и делегација на Владата на РСМ на средба со делегација на Комитетот за надворешна политика на Европскиот Парламент

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, придружуван од членовите на Владата, заменик на претседателот во Владата на РСМ задолжен за европски прашања, Бујар Османи, заменичка на претседателот и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, заменик претседателот и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерката за правда, Рената Дескоска, министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски и заменик-министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, денеска ја прими во посета делегацијата од Комитетот за надворешна политика на Европскиот Парламент, предводена од членот на комитетот, естонскиот европратеник Туне Келам.

Со желбите за добредојде и благодарност за посетата на членовите на Комитетот за надворешна политика на Европскиот Парламент, премиерот Заев им посака успешен исход од средбите што делегацијата ќе ги оствари во нашата земја кои ќе ги потврдат заложбите на Владата на Република Северна Македонија, за стратешката насоченост кон европска интеграција, преку интензивна и динамична работа со сите чинители и засегнати страни. 

Премиерот Заев ја изрази неговата и благодарноста на Владата на РСМ, како и на граѓаните на нашата земја, за несебичната поддршка на Европскиот парламент и на евро-пратениците од сите различни идеолошки групи, Европската комисија, Европскиот совет и Советот на Европската унија, како и државите членки на Европската унија, нашите соседи и многу други активни чинители, која беше клучна за цврсто да зачекориме напред. 

Тоа особено дојде до израз во конкретните задачи што стоеја пред Владата на РСМ како што беа преговорите со Владата на Грција со што се затвори проблем кој постоеше повеќе од 25 години и кој се трансформираше во стабилно пријателство кое треба да биде мотивација и инспирација за сите на Западен Балкан и во ЕУ. 

Како резултат на надминувањето на историскиот спор и високата усогласеност со стандардите на НАТО алијансата, Република Северна Македонија доби протокол потпишан од сите 29 НАТО сојузници за да стане 30-та членка на најмоќниот безбедносен сојуз кој сега е во фаза на ратификации во парламентите на државите членки на НАТО, со темпо кое ветува дека до крајот на оваа година Северна Македонија ќе биде и полноправна членка на Алијансата.

Претседателот на Владата на РСМ Заев нагласи дека паралелно со овие процеси, Владата работеше напорно на клучните реформски области кои ни ги зададе Европскиот совет во јуни 2018 како услов за ефективен почеток на преговорите за членство во ЕУ во јуни 2019 година, односно реформи во правосудството, реформи во безбедносните и разузнавачките служби, борба против криминалот и корупцијата и реформи во јавната администрација. 

„Знаеме дека пред нас има долг пат за одење, кој ќе биде исполнет со макотрпна работа и силна волја. Но, гордо можеме да кажеме дека денес судството е понезависно од политиката, медиумите се слободни и ја контролираат власта, институциите се потранспарентни и поблиски до граѓаните, полицијата ги заштитува правата на граѓаните, немаме повеќе незаконско прислушкување, законот важи за сите без разлика колку се моќни, а економијата почнува да расте“, истакна премиерот Заев на средбата со делегацијата од Комитетот за надворешна политика на Европскиот Парламент.
 
Премиерот Заев потенцираше дека низ политичкиот дијалог, Владата прави секојдневни напори во Собранието и надвор од него да се најде заеднички јазик со опозицијата околу најважните реформски закони и тие напори дадоа конкретни резултати. 

„Затоа и целосно ги поддржуваме вашите напори за негување на политичкиот дијалог. Европратениците Кнут Флекенштајн и Едвард Кукан присутни тука, како и Иво Вајгл, во рамки на Жан Моне дијалогот, одиграа круцијална улога во воспоставувањето на Пржинскиот Договор, а сега, заедно со пратениците од Собранието имаат повторно многу значајна улога во забрзување на евроинтегративниот процес на Северна Македонија“, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата на РСМ Заев истакна дека со Стратегијата на Европската комисија за Западен Балкан за јасна перспектива за членство во ЕУ, со Самитот во Софија на тема ЕУ и Западен Балкан, со заклучоците на Европскиот совет во јуни 2018 година, и со препораката на Европскиот Парламент од ноември минатата година, со решавање на сите отворени прашања со соседите и со реформите, нашата земја го отвори патот за одлука за почеток на преговорите за членство во јуни 2019 година. Тој додаде дека очекува отпочнувањето на преговорите за членство за нашата земја да биде силен сигнал до Регионот на Западен Балкан дека процесот на пристапување и понатаму е заснован на заслуги и резултати на земја кандидат која испорачува, и која како одговор добива соодветна испорака и од ЕУ.

Претседателот на Владата на РСМ Заев, во продолжение на средбата им даде збор на министрите во Владата кои информираа за најважните реформски остварувања кои се нотирани како неопходност и приоритети од страна на Европската Комисија, во заедничката стратегија за остварување резултати кои ќе ја донесат позитивната одлука на Европскиот Совет за отворање на поглавјата во јуни оваа година.

Членовите на делегацијата на Комитетот за надворешна политика на Европскиот Парламент споделија нескриени честитки за оствареното во Република Северна Македонија во последните две години и нагласија дека денес, за време на нивната посета, тие гледаат една сосема друга земја – земја во процес на прифаќање на нејзиното членство во НАТО, земја која остварува позитивни резултати на планот на внатрешните реформи.

На Европската Унија ѝ треба Република Северна Македонија, колку што и на земјата ѝ треба ЕУ, и токму затоа земјата треба во наредните 4 месеци да испорача силни аргументи според кои Европскиот Совет ќе биде убеден дека треба да го исполни ветеното и да бидат отворени првите поглавја од преговорите, врз основа на спроведените реформи за кои ќе биде постигнат консензус и кои ќе се реализираат во амбиент на конструктивен политички дијалог во земјата, истакнаа членовите на делегацијата на Комитетот за надворешна политика на Европскиот Парламент, на денешната средба со премиерот Заев и со делегацијата на Владата на Република Северна Македонија.