28/03/2024
Македонија

Премиерот Заев и министерката Царовска на настан на УНИЦЕФ по повод Светскиот ден на наставникот

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев заедно со министерката за образование и наука Мила Царовска, со претставничката на УНИЦЕФ во нашата земја Патриција ди Џовани, и со наставничката Александра Блажевска од ООУ „Јан Амос Кoменски“, како претставничка на наставниците, учествуваа на промотивниот настан на кампањата „Наставниците се важни – Учиме од вас. Ви благодариме!“, по повод Светскиот ден на наставникот кој се одбележува денеска.

Настанот беше отворен со инсталација со „училишни ранци“ за да им оддадат признание и да им покажат благодарност на наставниците за клучната улога што ја имаат во обезбедување квалитетно образование и поддршка на децата при исполнување на нивниот потенцијал.

Инсталацијата е поставена неколку дена по почетокот на учебната 2020/2021 година. Преку неа се оддава признание за придонесот што наставниците го даваат за учењето од далечина и за повторното отворање на училиштата, но нејзината главна цел е и да се уважи пресудната улога на наставниците во општеството.

„Најискрено и од сѐ срце им се придружувам на пораките што учениците од нашата земја ги креираа и ги испраќаат до нивните наставници преку инсталацијата од училишни ранци, во форма на срце. Се придружувам на пораките на благодарност на учениците до наставниците за нивната искрена и топла посветеност, за нивната страст и креативност да им ги пренесат на учениците знаењата и вештините, и за нивните совети и примери во изградбата на генерации и генерации ученици кои стануваат важни учесници во процесите за создавање на подобро општество за сите нас. Оваа школска година е различна од сите претходни“, рече премиерот Заев, и додаде дека заради пандемијата од КОВИД-19, оваа година образовниот процес во училиштата ќе се спроведува заедно со мерките за заштита на здравјето на децата и на наставниците.

Поголем дел од наставните програми за повеќе генерации ќе се организираат онлајн.

„Министерството за образование и наука, и сите одговорни во Владата, се во секојдневен контакт со наставници, директори, ученици, родители, со цел, заедно да ја направиме новата образовна интернет платформа попријателска. Да ги вклучи сите деца со еднаков пристап. Она што ни дава надеж е неверојатната посветеност на наставниците, нивните заложби, ентузијазам, чувство на општествена одговорност и покажаниот интерес за учество обуките, со желба да им обезбедат на своите ученици образование какво што заслужуваат. Да направат сѐ што треба за да им го надоместат на учениците присуството и дружбата во училниците. За таа своја посветеност, тие навистина ја заслужуваат нашата целосна почит“, рече Зоран Заев, претседателот на Владата на Република Северна Македонија.

Министерката за образование и наука Мила Царовска рече дека секој од нас има наставник или наставничка коишто биле инспирација и мотивација да го научиме невозможното. Затоа да им оддадеме признание и почит со огромно благодарам.

„Како Влада имаме обврска и долг да создаваме услови за подобро образование. Но, само со вас и вашата грижа за децата ние ќе бидеме чекор поблиску до остварување на оваа цел. Вие, деновиве потврдивте дека сме на тој пат. Светот денес го одбележува 5 Октомври под едно мото: Наставници – водачи во кризата и ресоздавачи на иднината. Јас навистина верувам во вашата моќ и сигурна сум дека тоа ќе биде нашата стварност. Вие сте наша национална сила и гордост!”, рече Царовска.

„Искуствата во светот покажуваат дека главниот двигател зад добрите образовни резултати на учениците се квалитетните и компетентни наставници. Без оглед дали во училница или преку Интернет, утврдено е дека реформите во образованието треба да ги опфатат и наставниците за да се мотивираат наставниците и да ги искористат своите таленти и креативност во пренесувањето на знаењата на учениците“, истакна министерката Царовска.

„Кога зборуваме за квалитетно образование, честопати се фаќаме за работи што се опипливи – дигитални алатки, големина на училници, фонд на часови, физички простор, наставна програма. Сите овие се важни, но она што има најголемо значење за способноста на детето да напредува во образованието и во животот се мотивираните наставници – како тие размислуваат, како расудуваат, страста што ја имаат за наставата и очекувањата што ги имаат од учениците – честопати повисоки од очекувањата што учениците ги имаат за себе. Сите може лесно да се поврземе со ова, затоа што сите се сеќаваме на некој омилен наставник кој нѐ научил на нешто повеќе од предметот што го предавал“, рече Патриција ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ во Република Северна Македонија.

„Ја работам оваа професија 10 година и бескрајно си ја сакам, максимално се вложувам со секој атом од моето тело и душа за го дадам максимумот во процесот на поучување на моите ученици. И знам дека не сум сама во оваа работа, знам дека има уште многу наставници како мене. Дополнително на секојдневните предизвици, ситуацијата со светската КОВИД пандемија наметна ново бреме и нов начин на почеток на школската година. Сите сме посветени да успее новиот начин на функционирање на образовниот систем, и децата и родителите, и секако најмногу наставниците, кои што треба да го понесат најголемиот дел од товарот на новите промени“, истакна на настанот Александра Блажевска, наставник од ООУ „Јан Амос Коменски“ од Скопје.

Инсталацијата „училишен ранец“ ќе биде поставена на градскиот плоштад во Скопје три дена, овозможувајќи им на посетителите да се вклучат со свои пораки за наставниците. Иницијативата е дел од кампањата „Учиме од вас. Ви благодариме!“ којашто Министерството за образование и наука и УНИЦЕФ ќе ја спроведуваат во текот на учебната 2020/2021 година.

Целта на кампањата е да се подигне свеста за важната улога на наставниците во обезбедување квалитетно образование и подобрување на образовниот успех на учениците; да се уважат наставниците што ги мотивираат учениците и да се изгради поддршка за реформите осмислени во прилог на професионалниот развој, компетентноста и мотивацијата на наставниците како и да се уважи позитивното влијание што го имаат наставниците врз оние што се деца денес и врз нас возрасните кога сме биле деца.