25/04/2024
Македонија

Премиерот Заев и министерот Николовски го означија почетокот на изградбата на браната ХС Конско

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски денеска имаа свои обраќања на настан на кој беше означен почетокот на изградбата на вештачката акумулација, Конско, најголем инфраструктурен проект во овој регион, изминативе 50 години.
     
Во своето обраќање премиерот Заев рече дека Република Македонија преку Владата и надлежните министерства вложува во нови капитални инвестиции и проекти коишто директно ќе придонесат за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.

„Денеска сме овде да го означиме почетокот на изградбата на Хидросистемот „Конско“ кој за граѓаните на општина Гевгелија ќе значи реализирање на нивната долгогодишна потреба и желба од навремено снабдување со чиста и здрава вода за пиење, вода за наводнување која ќе дојде до нивите и плодните земјоделски површини, плантажите и фармите, но ќе биде и вода за дотур која ќе значи и спас за нашето убаво Дојранско езеро“, соопшти премиерот Заев.

Министерот Николовски рече дека станува збор за една од најголемите капитални инвестиции во земјоделството последните 10 години којашто е од исклучително значење за граѓаните од гевгелискиот регион, но на сите граѓани на Македонија.

„Водостопанството како стопанска гранка е една од клучните области, таа е основа за развој на земјоделството, но и низа други области од витално значење за нашата земја. Браните со акумулации обезбедуваат повеќенаменско искористување на водите, односно вода за наводнување на земјоделските површини и вода за производство на електрична енергија. Тоа придонесува за енергетска стабилност, зголемување на земјоделското производство и безбедност на храна на национално ниво“, потенцираше министерот Николовски.

Министерот порача дека Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство заедно со Владата се фокусирани на модернизирање и усогласување на нашето земјоделството со европските регулативи и во тој правец преку ваквите капитални проекти се обезбедуваат услови за поквалитетно земјоделско производство, поголем приход за земјоделците, а со тоа и поголем економски раст.

„Браната со акумулација Конско е дел од  Хидро системот „Конско” и се состои од брана на реката Конска, зафат Горничет на околу 8,5 километри низводно, како и зафати на протечните води на реките Жабачка, Сермениска и Кованска. Вкупната инвестиција за браната Конско е над 2,4 милијарди денари, пари обезбедени од буџетот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, односно од Програмата за рурален развој. Браната Конско ќе обезбеди вода за наводнување на земјоделските површини од овој регион во сушниот период, кога водата е најпотребна. Во моментот, од можните 12.326 хектари обработлива површина во овој регион едвај се наводнуваат 2.632 хектари. Реалноста е дека во моментов има доволно вода само за околу 1.500 хектари. Наводнувањето оди многу тешко и по многу висока цена, што е голем товар за земјоделците и ја покачува цената на производите. Со новото техничко решение, односно преку изградба на три подсистем на оваа брана, ќе се наводнуваат околу 8.000 хектари плодно обработливо земјиште, односно се зголемуваат за пет пати наводнуваните површини“, соопшти министерот Николовски кој заедно со премиерот Заев симболично со притискање на старт тастер го означија отпочнувањето на изградба на браната Конско.

Свое обраќање имаше и претставник на компанијата изведувач Серка Таахут Иншаат Акели, Шефки Адал кој порача дека интензивирањето на ЕУ интеграциите и поканата за членство во НАТО на земјата претставуваат големо охрабрување за нови инвестиции на турските компании.


Обраќање на премиерот Зоран Заев на стартот на изградбата на браната ХС Конско

Секогаш ми претставува особено задоволство кога  Република Македонија преку Владата заедно со надлежните министерства вложува во нови капитални инвестиции и проекти коишто директно ќе придонесат за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.

Но, задоволството е уште поголемо кога се најавува реализација на дамнешна желба и потреба на граѓаните од овој крај која е стара речиси 40-тина години.

Денеска сме овде да го означиме почетокот на изградбата на Хидросистемот „Конско“ кој за граѓаните на општина Гевгелија ќе значи реализирање на нивната долгогодишна потреба и желба од навремено снабдување со чиста и здрава вода за пиење, вода за наводнување која ќе дојде до нивите и плодните земјоделски површини, плантажите и фармите,  но ќе биде и вода за дотур која ќе значи и спас за нашето убаво Дојранско езеро.

Владата на Република Македонија стои цврсто на определбата за реализација на крупни капитални инвестции кои ќе донесат одржлив и долгорочен бенефит за граѓаните и за развојот на економијата.

Изградбата на овој хидросистем претставува најголем инфраструктурен зафат во овој регион изминативе 50 години кој ќе се гради со обезбедени средства од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство од Програмата за рурален развој и што е најважно оваа вештачка акумулација ќе има мултифункционална улога.

Клучната агротехничка функција на ХС „Конско“ ќе биде обезбедување на чиста вода за наводнување на земјоделските површини со што ќе се создадат неопхопдните услови за развој на конкурентно земјоделство, зголемување на производството на храна и на регионалниот економски развој. Освен за наводнување, водите од акумулацијата „Конско” и протечните води ќе се користат и за производство на електрична енергија.

Дополнително, ова вештачко езеро ќе претставува нова содржина во локалната туристичка понуда на Гевгелија и ќе создаде услови за развој на риболовот, туризмот, спортот и рекреацијата.

Со тоа директно ќе влијаеме на унапредување на здравјето и квалитетот на живот на граѓаните од целиот овој крај.

На самиот би крај, сакам да им посакам на инжињерите и градежните работници од турската компанија Серка Таахут Иншаат – Акели успешна и плодна работа.

Благодарност до министерот за земјоделство Љупчо и неговиот тим бидејќи знам се што сработија за да дојдеме до денешниот ден.

Благодарност и за градоначалникот Сашо Поцков и локалната самоуправа кои во соработка со МЗШВ и другите државни институции навремено и брзо ги завршија сите административни процедури со цел да се овозможи брзо започнување со изградбата на овој значаен инфраструктурен проект.

Сакам да апелирам до локалното население, помагајте на турските компании заради тоа што Турција е голем пријател на Република Македонија. Ние се радуваме и кога имаме турски инвеститори и изведувачи овде во Македонија, имаме и планови овде за турските компании во индустриските зони во Гевгелија коишто ги разговараме со МАТО и така ќе продолжиме да го јакнеме пријателството со Република Турција, но секако и да ги зајакнеме потребите од ваквите инфраструктурни проекти за целиот овој југоисточен и јужен регион  од нашата Македонија.

На крајот,

Нека е со среќа изградбата на вештачката акумулација „Конско“ и долги години да им служи на сегашните и идните генерации!