Премиерот Заев и ресорните министри за реформските приоритети со директорот за проширување Даниелсон

Претседателот на владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска го прими во посета директорот на Директоратот за соседство и преговори за проширување на Европската Комисија, Кристијан Даниелсон, кој, заедно со амбасадорот на ЕУ во нашата земја Самуел Жбогар, и со други претставници на мисијата во Скопје, учествуваа на состанокот на кој се презентираше актуелниот статус на процесот за интеграција на нашата земја во Европската Унија.

По тет-а-тет средбата меѓу премиерот Заев и господинот Даниелсон се одржа и заедничкиот состанок со Заменик претседателот во Владата на РМ и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, со Заменик претседателот во Владата на РМ задолжен за европски прашања Бујар Османи, со министерката за правда Рената Дескоска, со министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, и со министерот за надворешни работи Никола Димитров, како членови на Владата на РМ најнепосредно задолжени за областите во кои се спроведуваат реформите кои Европската Комисија ги посочи како приоритети за нашата земја во актуелниот извештаен период за напредокот на Република Македонија во евроинтеграцискиот процес.

Денешниот состанок го отвори Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, кој во своето обраќање, меѓу другото, истакна дека за нашата земја, поддршката на Европската комисија, институциите на Европската Унија, земјите членки на ЕУ, на нашите соседи и многу други лидери, беше клучна за цврсто да зачекориме напред и да се врати Република Македонија на патот кон Европската Унија и НАТО, како и за стабилноста, кредибилитетот и просперитетот на нашата земја.

За Република Македонија, 2018 година беше година од историско значење, за конечно решавање на спорот помеѓу Република Македонија и Република Грција. Со Договорот од Преспа, и со ратификацијата во двете земји затворивме проблем кој постоеше повеќе од 25 години и го трансформиравме во стабилно пријателство кое треба да биде мотивација и инспирација за сите на Западен Балкан и во ЕУ.

Паралелно со овој процес, Владата работеше напорно на клучните реформски области кои ни ги зададе Европскиот совет во јуни 2018, како услов за ефективен почеток на преговорите за членство во ЕУ во јуни 2019 година, односно реформи во правосудството, реформи во безбедносните и разузнавачките служби, борба против криминалот и корупцијата и реформи во јавната администрација.

„Имплементацијата на законите и практикувањето на вредностите на поделба на власта, владеење на правото и борба против корупцијата ќе докажат дека во Македонија работите навистина суштински се менуваат и дека Македонија заслужува да ги започне преговорите во јуни 2019 година. Денес судството е далеку по независно од политиката, медиумите се слободни и ја контролираат власта, институциите се потранспарентни и поблиски до граѓаните, полицијата ги заштитува правата на граѓаните, немаме повеќе незаконско прислушкување, законот важи за сите без разлика колку се моќни, а економијата почнува да расте“, истакна премиерот Заев.

Претседателот на Владата на РМ, Заев потоа информираше дека веќе девет поглавја од преговарачкиот процес се опфатени и поминати низ заедничките објаснувачки подготвителни состаноци со Европската комисија, и дека оваа фаза дава значајна подготовка за преговорите кои следуваат.

„Убеден сум дека овие нови стандарди кои оваа Влада ги постави ќе продолжат и ќе се засилат, а тоа ќе биде аргумент за Република Македонија да оди напред во интеграциите кон ЕУ кои беа долго замрзнати. Од нашите пријатели во ЕУ очекуваме само праведно и фер оценување засновано на резултати кое ќе ни даде шанса за успех, успех на целата држава и општество, но успех и за Западен Балкан и за Европската Унија. Република Македонија направи извонреден напредок и презеде смели чекори и отпочнувањето на преговорите за членство во јуни 2019 година ќе испрати силен сигнал до Регионот на Западен Балкан, дека процесот на пристапување и понатаму е заснован на заслуги и резултати – ако земјата кандидат испорачува, тогаш и ЕУ испорачува“, рече во своето воведно обраќање на состанокот на кој се презентираше актуелниот статус на процесот за интеграција на нашата земја во Европската Унија и на кој присуствуваше директорот на Директоратот за соседство и преговори за проширување на Европската Комисија, Кристијан Даниелсон.

Заменик претседателот во Владата на РМ задолжен за европски прашања Бујар Османи, потенцираше дека спроведувањето на реформските пакети се остварува со предвидената динамика и ги следи препораките на Европската Комисија, и го нагласи фактот дека надминувањето на политиките пречки за исполнување на реформите во голема мерка учествува и во кохезијата на македонското општество заради сознанието дека реформите ја приближуваат земјата кон неподелената стратешка определба на граѓаните за евро-атлантските интеграции.

Заменик претседателот во Владата на РМ и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, во своето обраќање на состанокот говореше на реформскиот пакет кој се однесува на безбедносните и разузнавачките служби, борба против криминалот и корупцијата, и нагласи тој ќе биде затворен до крајот на извештајниот период на Европската Комисија, односно до крајот на април, вклучувајќи го и формирањето на Советот за граѓански надзор за работата на безбедносните служби.

Рената Дескоска, како министерка за правда на состанокот со директорот на Директоратот за соседство и преговори за проширување на Европската Комисија, Кристијан Даниелсон, информираше детално за системот закони од правосудството, за Законот за борба против корупцијата и спречување на конфликтот на интереси, како и изборниот законик и останатите закони. Таа нагласи дека сите овие закони се донесени или се финализираат во целосна и сеопфатна соработка со стручните тела на Европската Комисија и меѓународните организации од оваа сфера. Министерката за правда, Дескоска потенцираше дека Владата на РМ е максимално посветена на тоа овие закони да бидат усвоени со политички консензус и во соработка со опозицијата како клучни закони за враќање на довербата на граѓаните во институциите и владеење на правото.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски ги презентираше најновите информации за спроведувањето на Стратегијата за реформа на јавната администрација, кој опфаќа повеќе законски решенија за професионална, департизирана и кон граѓаните ориентирана државна администрација. Во неговото обраќање посебно место имаа и реформските процеси за дигитализација на општеството како предуслов за едноставни и модерни услуги за граѓаните, како и прашањата за сајбер безбедност и за имплементација на најновите методологии за образование за информатички вештини на учениците.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров нагласи дека во надворешната политика нашата земја останува на веќе утврдените приоритети за евро-атлантските интеграции, за добрососедска политика и за зацврстување на стратешкото пријателство со земјите партнери од НАТО и ЕУ, како и со сите останати земји со нашата земја има воспоставено принципиелни пријателски односи. Тој подвлече дека очекува Република Македонија, со поддршка на ЕУ, са извојува уште една историска победа за себе и за ЕУ, и да ги отпочне преговорите со Европската Комисија во јуни оваа година.

Директорот на Директоратот за соседство и преговори за проширување на Европската Комисија, Кристијан Даниелсон, на состанокот со Претседателот на Владата на РМ Заев и со надлежните министри на ресорите од приоритетно значење за реформи до извештајниот период на ЕК во април, истакна дека во име Европската Комисија уште еднаш ги пренесува честитките за историскиот договор со Грција, и дека таа останува и понатаму максимално посветена на поддршката за Република Македонија во претстојниот период за да се оствари договореното минатата година, отворањето на поглавјата да започне во јуни оваа година.

Господинот Даниелсон истакна дека напредокот и посветеноста на Владата на РМ се видливи, и дека Европската Комисија ќе продолжи со укажувањата и препораките, како што тоа го прават добрите пријатели, за да се остварат заедничките интереси на Република Македонијa и на ЕУ.