16/04/2024
Охрид

Премиерот Заев на 20-годишната конференција на АД Македонска Берза

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска имаше свое воведно обраќање на јубилејната 20 годишна конференција во организација на АД Македонска берза, на којашто се обратија и извршниот директор на АД Македонска берза, Иван Штериев и директорката на Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија, Нора Алити.

Во продолжение, во целост ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев.

„Ми претставува задоволвство што ја имам честа да ја отворам оваа јубилејна 20-годишна конференција којашто традиционално секоја година ја организира АД Македонска берза.

Македонската берза и пазарот на капитал се важен дел од економското функционирање на нашата земја и улогата и функцијата што ги имаат за раст и развој на економијата и компаниите се исклучително важни.

Државата е тука да гарантира и обезбеди пазарни, слободни и транспарентни услови и односи во економијата како и атрактивна бизнис клима со еднакви можности, пазарни услови и правила за компаниите.

Во такви услови алокацијата на финансиските и економските ресурси и вишоци ќе се одвива по пазарни основи и по правила на саморегулација на пазарот преку понуда и побарувачка, што ќе резултира со зголемување на конкурентноста на компаниите и нивна поголема успешност во работењето.

Транспарентноста на компаниите на берзата ги прави поатрактивни за домашните и странските инвеститори и влијае позитивно на нивното корпоративно управување што воедно има позитивни ефекти во квалитетот на расположливите финансиски инструменти на пазарот на капитал.

Идниот развој на Берзата и на пазарот на капитал мора да бидат наша заедничка цел како важен сегмент кој придонесува за развој на економијата во целина, за јакнење на приватниот сектор и отворање на нови работни места.

За таа цел дозволете ми да ги споделам со вас информациите дека Министерство за финансии неодамна отпочна со официјална котацијата на континуираните државни обврзници. Тоа е позитивен чекор чии импликации на среден и долг рок ќе ги почувствуваат сите заинтересирани страни – државата, инвеститорите и пазарот во целина.

Исто така формиран е Совет за развој на пазарот на капитал со кој раководи Министерството за финансии и има за цел да ги согледа и канализира интересите на сите засегнати институции и субјекти поврзани со идниот развој на пазарот на капитал.

Заложбите на Владата на Република Северна Македонија за системска поддршка на понатамошен развој на македонскиот пазар на хартии од вредност се јасни и недвосмислени.

Имаме заедничка обврска да го овозможиме тој развој од причини што поразвиените пазари на капитал им овозможуваат на компаниите пристап до поефтин капитал за нивен понатамошен развој, пазарно валоризирање и поголема флексибилност во однос на економските текови и шокови.

Последните информации за 2018 година се дека расте прометот на Македонската берза за 120 отсто во однос на 2017 што е уште една потврда дека сме на вистинскиот пат и дека се враќа довербата во македонската економија и расте оптимизмот на инвеститорите.

На самиот крај дозволете ми да посакам успешна дебата на денешната конференција којашто се одржува по 20 – ти пат во организација на Македонската берза на која ќе се отворат овие важни теми за дискусија кои од наша страна внимателно ќе бидат разгледани.

И да завршам како Претседател на Влада да ја споделам важната информација со сите вас, во оваа мала земја во центарот на Балканот се очекува стабилна и перпсективна иднина, сериозна безбедност и сигурност, интеграциски процеси коишто веројатно треба да бидат за сите дополнителна мотивација да вложуваат на берзата, а преку тоа да помогнат и на државата.“