24/04/2024
Македонија

Премиерот Заев на форум на Европската банка за обнова и развој во Брисел

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, веднаш по форумот „Северна Македонија: Забрзување на реформите, забрзување на европската интеграција“, што во организација на Европската банка за обнова и развој и Центарот за европските политики, се одржа во Брисел, заедно со заменик директорот на ЕБОР за политики и партнерство Пјер Ејлброн, одржаа прес конференција на која ги пренесоа своите впечатоци од форумот и одговараа на прашања од интерес на новинарите.
 
Премиерот Заев пред новинарите во Брисел, уште еднаш истакна дека, после позитивниот извештај на Европската Комисија во Брисел, она што се очекува е исполнување на ветувањето на Европскиот Совет од минатата година кога беше речено дека со исполнувањето на условите и завршницата на реформите во правосудството, безбедносните служби, во јавната администрација и во борбата против корупцијата, ќе следува стартот на преговорите по поглавјата во јуни оваа година.

Европската Комисија ја повтори безусловната препорака, како резултат на исполнетите услови, и Северна Македонија сега очекува и Европскиот Совет да ја прифати препораката, истакна премиерот Заев и додаде дека извештаите за напредокот на другите земји од регионот не треба да влијае на одлуката за нашата земја, и дека секоја друга одлука ќе ги уназади реформските процеси и ќе го закочи економскиот напредок што го остварува земјата кој е силно поддржан од Европската банка за обнова и развој.  
 
„За време на овој процес на европските интеграции се случија многу позитивни работи во економијата. Тоа потврди дека Европа е најдобрата мотивација за економски раст, за странски директни инвестиции, за намалување на невработеноста, за раст на продуктивноста и за индустрискиот раст. Европската Комисија тоа го препозна и во висината на странските инвестиции од 625 милиони евра во 2018 година. Тоа е три пати повеќе од просекот од последните осум години. Во последниот квартал на 2018 година БДП порасна на 3,7%, а за првиот квартал за оваа година, и тоа ќе биде овие денови објавено, очекуваме раст поголем од 4%, а го стартувавме мандатот на оваа влада со негатива од 1,8%. Имавме рецесија, политичка криза, но многу работи се променија. Ја намаливме невработеноста од 27% на 19,4%. Просечната плата порасна за 6,1%. Индустриското производство порасна за 88%. Тоа се навистина убави параметри што ја потврдија силата на мотивацијата од Европа присутна во Северна Македонија. Од договорот со Грција остваривме пораст на меѓусебната трговија 20,5%. Повеќе компании од Грција започнаа со постапки за инвестирање во РСМ. Трговијата со Бугарија порасна за 15%. Балканот е многу променет“, нагласи премиерот Заев и додаде дека освен признанијата за него и за премиерите Ципрас и Борисов, сега треба да дојдат и признанијата за народот во Северна Македонија со одлука за старт на преговорите по поглавјата за европска интеграција на земјата.
 
Заменик директорот на ЕБОР за политики и партнерство Пјер Ејлброн на форумот истакна дека Европската банка за обнова и развој е многу значаен партнер на Владата во насока на реализација на економските политики за зголемување на конкурентноста на Република Северна Македонија, но и на регионот генерално, и дека земјите од Балканскиот полуостров се мали земји и доколку сакаат да се развиваат со побрза динамика потребно е да се отворат кон соседите и да ја зголемуваат меѓусебната соработка, а на тој начин да ја зголемуваат и соработката со земјите членки на Европската Унија.