20/04/2024
Македонија

Премиерот Заев на конференција „Има ли шанси отвореното општество во Македонија?”

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска учествуваше на Завршната конференција „Има ли шанси отвореното општество во Македонија?”, по повод одбележувањето на 25-годишнината од постоењето на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Во своето обраќање, кое ви го пренесуваме во целост, премиерот Заев рече:

На почетокот дозволете ми да се заблагодарам за поканата да учествувам на завршната конференција ,,Има ли шанси отвореното општество во Македонија?”, по повод одбележувањето на 25-годишнината од постоењето на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Ја прифатив оваа покана како премиер на Република Македонија, бидејќи стигна на таа моја, актуелна адреса, но ве уверувам дека моите задоволство и обврска да прифатам се поттикнати многу повеќе од мојот идентитет како граѓанин на оваа земја. Имам длабоки емотивни и политички причини за тоа.

За време на режимот, заедно со граѓаните на Република Македонија, заедно со сите граѓани, без разлика на нивната политичка, етничка и било каква друга определба, го кренавме својот глас против заканата пред која беше исправена иднината на нашата земја, на нашето општество – заканата од затворено општество.

Граѓаните ја одбележаа црвената линија и рекоа гласно: “Ова е точка од која нема враќање. Чукна крајниот час за промена, за слобода. Ова е време за натпартиска, граѓанска битка!”

Поттикнати од поривот да го ослободат, да го отворат своето општество, граѓаните на Македонија создадоа услови за фер и демократски избори и мнозинството гласаше за победа на отвореното општество. Граѓаните застанаа на страната на победата со пенкало. Ненасилно ја ослободија „заробената држава“. Демократските сили се спротиставија на ретроградните структури, на оние кои сакаа да го затворат и заробат општеството.

Граѓаните повторно ги реафирмираа принципите на граѓанските демократските стандарди, на еманципираната политичка култура, човековите права и слободи за сите без исклучок, и неопходноста од транспарентност и отчетност на институциите во Република Македонија.

Почитувани пријатели и застапници на отворените општества,

Само тенденциозните, злонамерни и ретроградни политички формации можат да се обидуваат да го оспорат придонесот што во градењето на граѓанското општество во Република Македонија, го имаше и го има Фондацијата Отворено општество Македонија.

Ниту еден со елементарна политичка и општествена зрелост нема да може да најде аргументи да порекне дека Фондацијата

Отворено општество веќе 25 години се залага за создавање динамично и толерантно општество, во кое граѓаните се силни, активни и вклучени, a властите се бара да бидат одговорни, отчетни и отворени во креирањето на политикита за граѓаните.

Фондацијата Отворено општество – Македонија вложи многу за подобрување на животот на граѓаните. Континуираната поддршка на иницијативите што доаѓаа од граѓаните за граѓаните, како и поддршката за јакнење на владините институции, во голема мерка овозможија подобро образование и здравство, владеење на правото, почитување на човековите права, плурализам во медиумите и слобода на говорот.

Фондацијата посвети огромно внимание на младите, на маргинализираните групи и на локалните заедници како важен влог во градењето општество на еднакви граѓани. Како важен  влог во општество на силни и активни граѓани, кои знаат дека нивниот глас треба да биде слушнат кога се креираат политиките за нив.

И тој глас е слушнат.

Кога беше формирана актуелната Влада на Република Македонија, дадовме збор дека својата работа ќе ја темелиме на отворени, транспарентни, сигурни и ефикасни владини институции, кои комуницираат и соработуваат со граѓаните. Инициравме пакет активности кои недвосмислено се насочени кон транспарентност, отчетност и одговорност и ја одразуваат заложбата за целосно имплементирање на концептот отворена влада.

Не можам да не истакнам дека немаше подобар момент за да зборувам за отвореното општество, отколку што е актуелниот миг на нашата општествено-политичка стварност.

Овие денови сме исправени пред пресудни чекори да го решиме 25 годишниот спор за името. Се соочуваме со овој предизвик за Македонија и граѓаните да одат напред.

Со граѓаните на нашата земја зацртавме дека 2018-та ќе биде година на силни реформи и дека Македонија ја носиме во ЕУ, а со тоа Европа ја носиме во Македонија.

Со енергијата посветена на отворените прашања со соседите, со потпишувањето на Договорот со Бугарија и со продлабочувањето на релациите со Грција, ја сменивме перцепцијата за Република Македонија.

Со пријателството меѓу Република Македонија и Република Грција, кое наспроти сите очекувања, го изградивме за време на овој деликатен и чувствителен процес, решаваме спор за да го засилиме, зајакнеме достоинството и идентитетот на граѓаните во двете земји.

Регионот не смее да си дозволи нов циклус на враќање назад. Затоа, овој заеднички македонско-грчки порив за решение на 25-годишниот спор мора да успее. Ова е борба во која на темелите од минатото ќе изградиме просперитетна иднина.

И свесни сме дека светот внимателно ја следи оваа наша заедничка иницијатива. Благодарен сум на поддршката од меѓународната заедница, на сите наши пријатели што даваат личен ангажман, за да успее оваа историска можност за нашите држави, за регионот и за Европа.

И ете го одговорот – Да, отвореното општество има сериозна шанса во Македонија – и сите ние треба силно да се вложиме да ја искористиме таа шанса.

Во тој дух Владата на Република Македонија ќе продолжи максимално посветено и фокусирано сѐ до изнаоѓање дефинитивно решение на 25-годишниот спор. Никогаш не сме биле поблиску до решение, а пријателството меѓу двете земји и двата народи никогаш не било поголемо. Ќе ги вложиме сите напори да извлечеме максимум од овој позитивен историски момент за двете држави.

Премногу е важна иднината за да го препуштиме просторот на затворената, опскурна (темна) алтернатива – мораме силно да се спротиставиме на поделбите, на популизмот, на изолацијата, на менталитетот “сите ни се непријатели”.

Премногу е важно на граѓаните да им биде јасно дека изборот не е меѓу левата или десната политичка опција, туку меѓу отвореното или затвореното општество.

Почитивани претставници на Фондацијата отворено општество Македонија,

Почитувани активисти и борци за отворено општество,

Дозволете ми на крајот уште еднаш да ви го честитам значајниот јубилеј – 25 години постоење.

Минатата година нашата држава славеше 26 години од нејзината независност. Тоа значи дека програмите и активностите на Фондацијата отворено општество се вградени во темелите и во столбовите на граѓанското општество во Република Македонија. Ме информираа дека првите канцеларии на Фондацијата биле во просториите на Владата – што доволно кажува за меѓусебната соработка.

Работата на фондацијата низ сите овие години, е вткаена и во надежите и остварувања на нејзините граѓани. Граѓани, кои и низ бројните проекти на Фондацијата се уверија дека општествените заедници имаат потреба од одговорни општествени институции, а отвореното општество има потреба од силни граѓани, во услови на демократско владеење, слобода на изразување и почитување на правата на поединецот.