28/03/2024
Македонија

Премиерот Заев на конференцијата Форум за корпоративни регистри

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска имаше свое обраќање на 16-тата годишна конференција на Форумот за корпоративни регистри во организација на Централниот Регистар. На овој настан, се обратија и директорката на Централен Регистар на Република Северна Македонија Марија Бошковска Јанковски, претседателката на Форумот за корпоративни регистри, Розан Бел и секретарот на Корпоративниот регистерски форум Мајкл Броснахан, кои ја истакнаа важноста на оваа конференција.

Во продолжение на ова соопштение Ви го испраќаме интегралниот говор на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев.

„Дозволете ми најпрво да упатам честитки за организирањето на 16-тата годишна Конференција на Форумот за бизнис регистри.

Посебни честитки до директорката на Централниот Регистар – Марија Бошковска – Јанковски, како домаќин на овој светски форум и на сите кои беа вклучени во работниот тим.

Иницијативите за регионално и меѓународно поврзување кои ги презема Северна Македонија и институцијата домаќин на Форумот – Централен Регистар, имаат заедничка цел: Развој на Република Северна Македонија на глобално ниво, промовирање како земја со поволна деловна клима како за странските така и за домашните инвеститори, генерално отворање на македонскиот пазар и развој на капитални инвестиции.

Како стожер во креирањето на деловната клима во земјата и промотор на дијалогот помеѓу приватниот и јавниот сектор, Централниот Регистар прерасна во електронски сервис на деловната заедница и граѓаните во Северна Македонија.

Токму затоа преставува значаен инпут во формулирање на барањата преточени во реформските инцијативи и политики на Владата кои се насочени кон зголемување на растот на стопанството, промовирање на здрава и поволна деловна клима и промовирање на нашата земја како поволна дестинација за инвестиции.

Во оваа прилика сакам и да го поздравам пуштањето во употреба на Регионалниот Регистарски портал од страна на Агенцијата за деловни регистри на Република Србија и Централниот Регистар на Република Северна Македонија, поддржан од Европската Банка за Обнова и Развој.

Како дел по пошироката рамка на Берлинскиот процес за Западен Балкан, Регионалниот Регистарски портал претставува еден од фундаменталните инфраструктурни проекти за поврзување на регионот. Со него се обезбедува слободен проток на информации и деловни потфати и креирање на заеднички пазар, а формирањето на управниот одбор на Порталот беше токму овде во октомври минатата година.

Владата на Република Северна Македонија како главен императив го има развивањето на добрите односи со соседите, развојот на економските и трговски врски во регионот.

Активно ја промовираме регионализацијата, како еден од основните услови за поттикнување на растот и развојот на сите наши стопанства. Регионалниот Регистарски Портал, заедно со проектите за воведување на заедничка царинска унија, развојот на комуникациските и инфраструктурни врски во регионот, треба да овозможат реално функционирање на заедничкиот пазар во регионот на Западен Балкан.

Успехот на тој процес, од една страна, ќе се придонесе за обезбедување на поголем пазар за домашните субјекти, а од друга страна, ќе ги поттикне директните странски инвестиции во целиот регион.

Посакувам успешна работа за време на Конференцијата. Успешни работни сесии за да ви се отворат нови можности за меѓусебна соработка и развој.

Тоа е од голема помош за бизнис заедницата и за иницијативите што доаѓаат од таму, како и од исклучителна важност за владините институции за да ја остварат својата владината визија за раст и развој на нашата земја.“