29/03/2024
Македонија

Премиерот Заев на меѓународна конференција „Жени во енергетиката“

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, се обрати на втората меѓународна конференција „Жени во енергетиката“.

Пред бројните присутни, претседателката на Инженерската институција на Македонија, организатор за оваа значајна меѓународна Конференција заедно со ЕВН – Македонија, Христина Спасевска, Стефан Петер, претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија – покровител на Конференцијата, претставници на Централно Европската Иницијатива, чијашто пректна активност е Конференцијата, претставници на АД ЕЛЕМ и АД МЕПСО, домашни и странски експерти во областа, професори, претставници од бизнис заедницата, од домашни, регионални и меѓународни организации, ректорот на универзитетот Св.Кирил и Методиј, Велимир Стојковски, претставници од амбасадите во земјава, од Министерството за труд и социјална политика и други институции во Македонија, медиумите и на граѓаните, премиерот Заев порача:

– Тука сум, како премиер и како претставник на Владата, да уверам дека силно го поддржуваме вклучувањето на жени во енергетиката. 

Правиме и ќе направиме сè што е потребно, за да ги насочиме младите жени, студентките, да се заинтересираат за енергетскиот сектор, да ги видат своите перспективи во него, да изберат ваков тип образование што им отвора можности. 

Жените кои се веќе професионално активни, сакаме да ги мотивираме да ги побараат своите шанси во енергетиката, рече премиерот Заев.

Обраќањето, премиерот Заев го почна со еден пример: 
  
„Кога ќе си речеме, не знам дали ова можам да го направам, тогаш давате сѐ од себе и тогаш ги рушите границите“.
 
Ова, би можеле многумина да го потврдат со своето искуство. Но, особено е значајно кога доаѓа од жена како Мариса Мејер. Таа во текот на нејзината бременост беше назначена за извршна директорка на компанијата Yahoo, со што влезе во историјата како прва жена поставена на раководна позиција на некоја американска компанија, за време на бременоста. 
И покрај дебатите и критиките што ги иницираше таа, за тоа колку жената може да биде посветена мајка додека работи, како што многумина се согласуваат, таа најде начин да покаже дека е тоа можно, рече премиерот Заев. 
 
Претседателот на Владата, Заев, понатаму додаде: 

– Почитувани присутни, 

Овој пример го посочив за да охрабрам – дека сè што се сака, може да се постигне. 
Жените му се потребни на општеството. 
Тоа го покажуваат и искуствата на успешни жени во Македонија во многу сектори.

Благодарам, што со вашите заложби, искуства, присуство, организација на настани, каква што е оваа меѓународна конференција насловена „Жени во енергетиката“ помагате да ја подигнеме заедно свеста за важноста на родовата рамнотежа во бизнис заедницата, низ идентификување стратегии и програми за еднакви можности во енергетскиот сектор.
Република Македонија, со организирањето на оваа конференција е лидер во регионот на тема родова еднаквост во енергетиката. Ги разбиваме предрасудите дека работата во енергетскиот сектор е машка професија.

Сакам да знаете дека Владата е подготвена, да учествува во реализацијата на предлозите што произлегоа од оваа Конференција. Ги поддржуваме вашите цели, да се иницира воспоставување платформа за родова еднаквост во науката, технологиите, инженерството и математиката, во Централно европската иницијатива, регионот, како и за формирање Асоцијација на жените во енергетиката. 

Формирањето асоцијацијата „Жени во енергетика”, на ниво на земјите од ЦЕИ регионот, што се случи на оваа Конференција, ќе овозможи одржливост на целите и заклучоците од овие два дена работа. Преку оваа организација, во иднина, би требало да се спроведуваат активности, на национално, но и на меѓународно ниво, коишто ќе ги поттикнат жените, и посебно младите, за професионален развој и вклучување во областа.  

Ова е важно, посебно што еден од заклучоците на оваа Конференција е дека жените од инженерските дисциплини, статистички имаат подобар успех во текот на студирањето. Нивниот процент во однос на мажите се намалува кога станува збор за продолжување на школувањето и усовршувањето.  

Но, Владата, еве уште сега кажувам, е подготвена да креира и спроведува политики што ќе овозможат младите жени, интелектуалки, да имаат услови за непречен професионален развој, во периодот кога оформуваат семејство. И во Македонија, како и на глобално ниво, искуството покажува дека процентот на жени кои се на високи менаџерски позиции во компаниите, е многу помал во однос на мажите.

Моделите, како ова да се унапреди, порачувам – подготвени сме како Влада да ги поддржиме со законски механизми и на сите други начини. Очекуваме и предлози од вас. 

Седнете заедно, стопански комори, заедно со здруженијата за родова еднаквост, како што е  асоцијацијата „Жени во енергетика”, воспоставете дијалог со работодавачите, заеднички да се дефинираат слабостите, но и заеднички да се направат тренинг програми коишто ќе го подобрат професионалниот развој и напредок на жените. Ова е еден предлог, вие може да развиете и други.  

Да овозможиме додадена вредност на квотите за родова застапеност како концепт. 
За ова е потребна свест. Со овие настани ја подигнуваме свеста.
За ова е потребна и општествена и политичка волја. Еве покажуваме и докажуваме дека ја има. 

На оваа Конференција се разменети драгоцени искуства на регионално и меѓународно ниво. 
Воспоставената соработка да ја одржиме, и понатаму да дејствуваме заедно, на сите нивоа, на ниво на асоцијации, организации, здруженија, влади. 

Затоа до сите жени и млади девојки го упатувам овој апел: Потребни сте во енергетиката, отвораме можности, вклучете се!, рече премиерот Зоран Заев на завршната сесија на втората меѓународна конференција „Жени во енергетиката“, што се одржуваше денеска и вчера во Скопје. 

https://www.youtube.com/watch?v=v0sexMEop44