06/10/2024
Македонија

Премиерот Заев на прес-конференција со Столтенберг од НАТО

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев и владината делегација во чиј состав се Радмила Шекеринска, заменик претседател на Владата на Република Македонија и министерка за одбрана, Бујар Османи, заменик претседател на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања и Никола Димитров, министер за надворешни работи, денеска во Брисел оствари средба со Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

По средбата во новиот штаб на НАТО, премиерот Заев и генералниот секретар Столтенберг одржаа заедничка прес конференција, на која Претседателот на Владата на РМ Заев се заблагодари за пречекот со кој се потврдува заложбата на северно – атлантската алијанса на следниот нејзин самит на 11 јули да ја активира отворената покана за Република Македонија за членство во овој воено – безбедносен сојуз.

„Ја очекуваме и официјално поканата да станеме новата, 30-та членка на НАТО. Очекуваме, заедно со нашите пријатели, во периодот кој следува, да учествуваме на церемонија на која знамето на Република Македонија ќе го добие своето место меѓу останатите земји членки на Алијансата. Тој настан интензивно го чекаме уште од 2008 година, кога беше констатирано дека нашата земја ги исполни сите критериуми, дека ги постигна стандардите на Алијансата, за да биде еднаква меѓу еднаквите“, рече премиерот Заев на прес конференцијата во НАТО.

Во својата изјава пред медиумите, премиерот Заев укажа на фактот дека Република Македонија и дотогаш, до Букурешт 2008, и од тогаш натаму активно учествува во мисиите на северно – атлантскиот сојуз. Заедно со Алијансата, нашата земја, активно придонесува во мисиите за сузбивање на глобалните закани, терористичките закани, како и заканите што доаѓаат од насилен екстремизам, а припадниците на АРМ добиваа доверба да бидат дел или да бидат главни актери во сериозни безбедносни предизвици.

Премиерот Заев укажа и на значајно место што во безбедносните  политики на Република Македонија, има и регионалната соработка.

„Договорот за решавање на македонско – грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство со Грција, го откочи нашиот прием во Алијансата, и нашата земја го добива местото што го заслужува. Она што е еднакво значајно е што со Грција изградивме пријателство. Тоа е скапоцениот камен во нашите односи. Тоа е факторот заради кој сега нашите граѓани од двете земји можат да бидат сигурни и безбедни“, нагласи премиерот Заев и додаде дека со Република Бугарија се воспоставени односи кои долго непотребно се одлагаа, а добрата волја, политиките базирани на взаемно разбирање и почитување, се во темелите и на односите со сите останати пријатели – Албанија, Србија и Косово.

Во завршницата на своето обраќање пред медиумите, премиерот Заев им се обрати и на граѓаните на Република Македонија.

„Чекор по чекор, за само една година нашата земја го постигна она што никој не можеше да го предвиди. Нашиот пристап кој обедини силна политичка волја, искрен дијалог и подготвеност за решенија, овие денови ни донесе повеќе радосни вести и одлуки. Остануваат нашите домашни задачи. Но, сега имаме навистина околу што да се обединиме на широкиот автопат и заедно да кажеме: Да, за нашата иднина! Да, за македонската иднина. Да бидеме силни заради нас, заради нашата држава, и заради иднината на нашите следни генерации. Да кажеме „Да“ за нашиот сојуз со земјите членки на НАТО. Тоа ќе ни овозможи безбедна иднина, сигурни општества. Општества во кои ова членство ќе обезбеди амбиент за економски раст, за благосостојба на сите наши граѓани“, истакна премиерот Заев, и потенцираше дека искуствата и стратегиските документи велат дека земјите членки на НАТО се силни промотори и на економскиот раст на партнерите во сојузот.

Во делот на одговори на новинарски прашања, премиерот Заев уште еднаш упати благодарност за срдечниот и пријателски пречек од страна на Генералниот секретар на НАТО Столтенберг кој на нашата делегација им го покажа местото каде што наскоро ќе се крене македонското знаме и местото на мапата на влезот на новото седиште на алијансата со знамињата на земјите членки и со датумот на нивното зачленување, каде што е обезбедено место и за симболите на нашата земја.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во својот дел од обраќањето пред јавноста истакна дека тој очекува на претстојниот Самит на шефови на држави и на влади на НАТО, ќе биде испорачана покана за преговори за членство, и дека веднаш штом ќе бидат исполнети одредбите од договорот со Грција, земјите членки на НАТО ќе почнат со ратификации на Спогодбата за членство на Македонија во Алијансата.

Генералниот секретар Столтенберг на прашање на новинарите дополни дека со исполнувањето на одредбите предвидени со договорот од Преспа, Република Македонија веднаш добива столче во Советот на НАТО и се стекнува со право да учествува во сите сесии и состаноци.