28/03/2024
Македонија

Премиерот Заев на средба со амбасадорите од Дипломатскиот Клуб

На покана на Кабинетот на Претседателот на Владата на Република Македонија, делегација на Дипломатскиот Клуб денеска оствари средба со премиерот Зоран Заев.

На средбата со искусните активни и поранешни дипломати, Претседателот на Владата Зоран Заев, информираше за актуелни прашања во однос на надворешната политика на земјата, насочени кон остварување на стратешките интереси на Република Македонија во однос на Европската Унија, членството во НАТО, соседската политика, како и во однос на релациите со САД и другите земји од глобалната политичка сцена.

Посебно внимание на средбата беше посветено на можностите за новиот позитивен развој во унапредувањето на европските и евро-атлантските интеграции на земјата, со посебен акцент на односите со Република Грција и нејзиниот проблем со нашето уставно име.

Претставниците на Дипломатскиот Клуб се заблагодарија за можноста да бидат информирани непосредно за активностите на владата во однос на ова прашање, како и за укажаната прилика да ги изнесат своите погледи, со оглед на фактот што искусните дипломати од ова неформално тело беа игнорирани од претходниот владин состав.

Премиерот Заев нагласи дека во период кога Република Македонија треба да донесе важни одлуки за овие наши стратешки интереси, секоја добра идеја и искуство што можат да помогнат се добредојдени.