28/03/2024
Македонија

Премиерот Заев на средба со Деловниот совет на Турција – Северна Македонија

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев придружуван од заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, министерот за економија, Крешник Бектеши и министерот без ресор задолжен за странски инвестиции Елвин Хасан денеска остварија средба со делегација на Деловниот совет Турција – Северна Македонија при Бордот за надворешно економски односи која беше предводена од претседателот на советот, Билал Кара.

На средбата гостите изразија голема поддршка за храбрите чекори што ги направи нашата земја кон полноправно членство во НАТО со оценка дека тоа е важен предуслов за обезбедување на стабилна бизнис клима и привлекување на нови странски директни инвестиции.

Премиерот Заев ги нагласи одличната соработка и традиционалното пријателство помеѓу двете земји како значаен мотив за интензивирање на економските и трговски релации преку поврзување на бизнисите и искористување на големиот потенцијал за економска соработка.

„Ја посетивте нашата земја во исклучително важен историски период за нас. Како што знаете, Република Северна Македонија многу бргу ќе биде и полноправна членка на НАТО, а ќе започне и преговори со ЕУ, што е важен предуслов за економски развој. Оваа година очекуваме да биде економска година за нас. Имаме одлична соработка со сите турски компании кои работат во нашата земја, а во иднина очекуваме и многу нови турски инвестиции“, соопшти премиерот Заев.

Турските компании кои се членки на Деловниот Совет Турција – Северна Македонија при Бордот за надворешно економски односи се интересираа за условите за работа и поддршката од државата за нови инвестиции во енергетскиот сектор и градежништвото.

Вицепремиерот за економски прашања Анѓушев им ги објасни на турските компании процедурите за државна поддршка за нови инвестиции во фотоволтаични напонски централи и најави дека во финална фаза е подготовката на тендерската постапка. Министерот Бектеши зборуваше за рударскиот сектор и процедурите на издавање на концесии за ископ на мермер и им соопшти на турските компании дека ќе има зголемување на концесиите за експлоатација на метални и неметални суровини за 75%.