Премиерот Заев на средба со директорката на Евростат Коцева

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев придружуван од Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски денеска во просториите на Економскиот факултет во Скопје остварија средба со генералната директорка на Евростат, Мариана Коцева и амбасадорот на Европската Унија во Република Македонија, Семуел Жбогар.

На средбата се разговараше за големиот исчекор направен во доближувањето кон европските стандарди со денешното потпишување на Декларацијата за за посветеност кон доверба во официјалната статистика од страна на Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев.

Премиерот Заев изрази голема благодарност до генералната директорка на Евростат, Мариана Коцева за големата чест што ни ја покажуваат со одлуката да бидат присутни во Република Македонија на одбележувањето на Денот на европската статистка.

„Свесноста во општеството за важноста на статистичките податоци расте. Колку е подобар квалитетот на статистичките податоци толку подобри и поодржливи политики ќе се креираат. Во таа смисла Декларацијата што денес ја потпишавме ја покажува нашата цврста заложба да го помогнеме процесот за унапредување и развој на интегриран статистички систем усогласен со европските правила и стандарди“ порача премиерот Заев кој потенцираше дека треба да се земат во предвид и предлозите на научната јавност за зголемување на бројот и опфатот на статистички податоци што ќе бидат обработувани и достапни за јавноста.

Директорката Коцева порача дека Евростат ќе ја пружи сета потребна помош и поддршка во скрининг процесот на земјата и понатаму во процесот на преговори за членство во Европската Унија. На средбата беше заеднички констатирано дека дополнително за унапредувањето на квалитетот на статистичките податоци неопходно е да се испланира и спроведе кредибилен и доверлив процес на попис на населението.