17/07/2024
Македонија

Премиерот Заев на средба со државниот министер за европски прашања Сојузна Република Германија Рот

Претседателот на Владата на Република Македонија денеска го прими во посета државниот министер за европски прашања во Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија Михаел Рот, придружуван и од амбасадорот на Германија во нашата земја Томас Герберих.

На средбата во Владата на Република Македонија, премиерот Заев и државниот министер Рот ја афирмираа заедничката согласност за искреното пријателство и соработка меѓу двете земји, како за целата силна и искрена поддршка што Сојузна Република Германија ја посветува на Република Македонија на патот кон полноправно членство во Европската Унија.

На средбата се истакнаа најновите трендови на внатрешен политички план во Република Македонија, која активираше сеопфатни процеси за да ја преобрази „заробената држава“ во општество со функционална демократија.

Претседателот на Владата на РМ Зоран Заев и државниот секретар за европски прашања во Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија се задржаа и на прашањата за идната динамика на реформите во нашата земја, на односите со соседите и во регионот, како и на актуелниот момент од разговорите за проблемот што Република Грција го има со нашето уставно име.

Државниот министер Рот на средбата со премиерот Заев и со делегацијата на Владата на РМ истакна дека од Република Македонија сега пристигаат добри вести, и дека неусловената препорака на Европската комисија до Европскиот Совет државата да добие датум за преговори за членство во ЕУ, е сосема заслужена.

Веднаш после билатералната средба меѓу двете делегации, премиерот Заев и државниот министер за европски прашања во Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија одржаа и заедничка прес-конференција.

На прес-конференцијата премиерот Заев информираше дека заедно со државниот министер Рот споделиле заедничка констатација дека постигнатите резултатите на Република Македонија се исход на бескомпромисна политичка волја за трајни реформи, и за афирмација на заедничките водечки вредности како што се демократија, владеење на правото, независни институции и слободни медиуми.

„Тоа не прави да останеме максимално посветени на реформите во континуитет. Максимално посветени остануваме и на планот на добрососедските односи и регионалната соработка. Европа ја препозна Република Македонија како земја која воведе нов дух во соседските односи. Секогаш отворени за дијалог врз основа на взаемна доверба и почит, фокусирани во тој дијалог да оствариме позиции победа-победа за двете страни“ истакна премиерот Заев на прес конференцијата, и додаде дека амбицијата на Република Македонија е покана за влез во НАТО и започнување на преговори за пристап со ЕУ во 2018 година.

„Македонија е мала земја, но голема надеж за Балканот. Нашата земја може да биде позитивен пример и да ги охрабри другите да ги удвојат напорите за реформи и надминување на споровите. Нас особено ни е значајно сознанието до кое стигнаа највисоките лидери на ЕУ дека доколку биде доведена во прашање иднината на членството во ЕУ и НАТО, тоа ќе ја доведе во прашање и безбедноста на регионот и на Европската Унија“, нагласи премиерот Заев и потенцираше дека Република Македонија верува дека лидерите на ЕУ го препознаваат моментот дека времето на Република Македонија да ѝ биде дадена европската перспектива е сега, оваа година.

На заедничката прес-конференција државниот министер за европски прашања во Министерството за надворешни работи на Сојузна република Германија Михаел Рот оддаде признание за досегашните остварувања на Република Македонија и додаде дека Сојузна Република Германија и другите земји членки на ЕУ и партнери на земјата очекуваат реформите да продолжат со истата динамика.

Посебно е важно, нагласи Рот, прашањето за името да се реши годинава, и Република Македонија да продолжи да испорачува и понатаму посветеност во борбата против корупцијата, практицирање на владеење на правото и правната држава, за да ги увери и последните евроскептици во проширувањето на ЕУ, дека Република Македонија го избрала европскиот пат.

Обраќањето на Претседателот на Владата на Република Македонија на прес-конференцијата со државниот министер за европски прашања во Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Михаел Рот:

Денеска имав уште една исклучително добредојдена прилика да се сретнам со државниот министер за европски прашања во Министерството за надворешни работи на Република Германија, господинот Рот, наш докажан пријател и претставник на една од највлијателните држави членки на ЕУ.

Средбата беше одлична можност да ја искажам мојата, и благодарноста на Владата на Република Македонија, на народот на нашата земја, за целата силна и искрена поддршка што Сојузна Република Германија ја посветува на Република Македонија на нашиот пат кон полноправно членство во Европската Унија.

Низ искрениот и исцрпен разговор со господинот Рот, го информирав за најновите трендови на внатрешен политички план во нашата земја.

Република Македонија направи квантен скок од „заробена држава“ во општество со функционална демократија. Во општество кое е сензибилно на неговата внатрешна особина и динамика како што е мултиетничкиот карактер заради што го издигнавме и го градиме концептот „Едно општество за сите“.

Уште една заедничка констатација на нашата средба беше дека постигнатите резултатите се исход на нашата бескомпромисна политичка волја за трајни реформи. За афирмација на нашите водечки вредности како што се демократија, владеење на правото, независни институции и слободни медиуми.

За овие резултати стигна и признанието во позитивниот извештај на Европската Комисија, и со нејзината чиста и неусловена препорака за почеток на пристапните преговори со ЕУ.

Тоа не прави да останеме максимално посветени на реформите во континуитет.

Максимално посветени остануваме и на планот на добрососедските односи и регионалната соработка. Европа ја препозна Република Македонија како земја која воведе нов дух во соседските односи. Секогаш отворени за дијалог врз основа на взаемна доверба и почит, фокусирани во тој дијалог да оствариме позиции на победа-победа за двете страни.

Нашата амбиција е покана за влез во НАТО и започнување на преговори за пристап со ЕУ во 2018 година.

Поттикнати од Стратегијата за проширување на ЕУ, и охрабрени од политиката на отворени врати на НАТО, Република Македонија останува лојален и сигурен партнер на двете организации.

Евро-атлантската иднина за нас значи поттик за економски раст, стимулација за инвестиции, работни места, поголема трговија, пристап до единствен пазар на ЕУ, зголемена мобилност на луѓе и на капитал.

На крајот, дозволете и овде да го пренесам тоа што му го кажав во завршницата на нашата средба и на Михаел: Македонија е мала земја, но голема надеж за Балканот. Нашата земја може да биде позитивен пример и да ги охрабри другите да ги удвојат напорите за реформи и надминување на споровите.

Нас особено ни е значајно сознанието до кое стигнаа највисоките лидери на ЕУ дека доколку биде доведена во прашање иднината на членството во ЕУ и НАТО, тоа ќе ја доведе во прашање и безбедноста на регионот и на Европската Унија.

Сепак, ние остануваме убедени дека лидерите на ЕУ го препознаваат моментот дека времето на Република Македонија да ѝ биде дадена европската перспектива е сега, оваа година.

Сакаме да оствариме наша, просперитетна иднина, со наш придонес за посилна ЕУ.