19/04/2024
Македонија

Премиерот Заев на средба со ЕБОР

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев во придружба на министерот за финансии, Драган Тевдовски, заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев и советникот за економија и финансии, Фатмир Бесими, денеска оствари средба со висока делегација на ЕБОР – Европската банка за обнова и развој предводена од потпретседателот на ЕБОР, Ален Пију, во состав Шарлот Рухе, директорка на ЕБОР за Централна и Југоисточна Европа, Жужана Харгитаи, регионална директорка за Западен Балкан и Анка Јоана Јоанеску, директорка за Македонија и Косово.

Потпретседателот на ЕБОР, Пију ги пренесе поздравите и поддршката на раководството на Европската банка за обнова и развој на Владата на Република Македонија во однос на позитивниот исчекор што двете соседни земји го направија со постигнување на Договор за решавање на спорот за името и за стратегиско партнерство за што даде оценка дека претставува одлична можност за откочување на многу процеси, регионални проекти и инвестициски можности во земјата и регионот.

На средбата со високите претставници на ЕБОР се зборуваше за отворените можности и полиња на кои може да се интензивира соработката во иднина. Беше оценето дека постојат огромни потенцијали на соработка во областа на енергетиката, производството на електрична енергија од обновливи извори и процесот на гасификацијата, за развој, изградба и рехабилитација на патната и железничка инфраструктурата, за локален економски развој, но и за поддршка на приватниот сектор, на нови инвестиции и за зајакнување на економијата. Се зборуваше и за можностите со кои ЕБОР може да помогне во процесот за надминување на финансиските проблеми на општините, за нивна финансиска стабилизација и подобрување на менаџментот со јавните финансии на локално ниво со цел подобро и поквалитетно опслужување на граѓаните и бизнисот. На состанокот се разгледаа и можностите за забрзување на реализацијата на одредени проекти и начините на кои преку заедничка соработка може да се откочи економскиот раст на земјата и да се зајакне економијата.

Потпретседателот на ЕБОР, Ален Пију рече дека Европската банка за обнова и развој е подготвена да го интензивира својот ангажман во процеси и проекти коишто ќе значат откочување и забрзување на инвестициите и на економскиот раст на земјата, а посебно ја нагласи поддршката на приватниот сектор и домашните компании.

Премиерот Заев изрази уверување дека тоа се цели и на Владата на Република Македонија кои ќе се постигнат низ взаемната соработка со ЕБРД и други меѓународни финансиски институции и изрази огромна благодарност за поддршката и помошта што Европската банка за обнова и развој во континуитет и ја пружи на Република Македонија.