19/04/2024
Македонија

Премиерот Заев на средба со Федерацијата за боречки спортови на Македонија

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Дарко Каевски и советниците за спорт, денеска оствари средба со претставници на Федерацијата за боречки спортови на Македонија (ФБСМ).

Претседателот на ФБСМ, Бетим Вренези на средбата го информираше премиерот Заев дека од 12 до 20 мај 2018 година, во Скопје ќе се организира Европско првенство во борење во конкуренција на кадети, а во септември ќе се организира СП за ветерани, и побараа поддршка за поуспешна организација што ќе ја претстави Република Македонија како достоинствен домаќин на оваа европска спортска манифестација.

Премиерот Заев истакна дека Владата на РМ и АМС целосно ги поддржува овие настани и заедничка намера е во иднина да се инвестира во овој спорт кој традиционално носи значајни спортски резултати, и ја промовира Република Македонија како земја која посветува значително внимание на спортот, спортските работници и спортските таленти.

Премиерот Заев во оваа прилика информираше за посветеноста на Владата на Република Македонија, заедно со Агенцијата за млади и спорт, да обезбеди повеќе простор и средства за уште поголем развој на индивидуалните спортови како дел од планот за развој на спортската промоција и македонската спортска сцена во целост.