28/03/2024
Македонија

Премиерот Заев на средба со Генералната секретарка на Регионалниот совет за соработка, Брегу

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со Мајлинда Брегу, новоименуваната Генерална секретарка на Регионалниот совет за соработка (РСС), извршно тело на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, чиј основач и полноправен член е и Република Македонија.

Премиерот Заев на Мајлинда Брегу ѝ го честиташе стапувањето на новата функција Генерална секретарка на РСС упатувајќи ѝ искрени желби и поддршка за успешно продолжување на нејзините напори и планови за зајакнување на регионалната соработка на патот кон европската интеграција на земјите од Западен Балкан.

– Република Македонија посветува посебно внимание на регионалната соработка, сметајќи дека е од витално значење за европската интеграција на целиот регион и во континуитет активно учествува во работата на сите регионални организации и иницијативи, особено РСС како оперативна рака на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), истакна премиерот Заев, додавајќи дека сите земји, особено од Западниот Балкан мораат да ја искористат шансата за создавање на најдобри услови за конкурентна и одржлива економија, по примерот на економијата на ЕУ.

На состанокот беше изразена поддршка за неопходноста на поврзувањето на регионот и интеграција на националните економии во единствен пазар, како и на проектите на кои Република Македонија работи на поврзување на земјата преку енергетска, патна и железничка инфраструктура, поврзување на луѓето и споделување на заедничките вредности, човечки ресурси и интелектуален капитал, како заеднички интерес за сите земји од регионот.

Исто така, беше поздравен почетокот на преговорите за Договорот за заемно признавање на професионалните квалификации меѓу земјите од Западен Балкан и позитивно беа оценети искуствата за успешно организираниот Регионален дигитален самит.

Генералната секретарка на Регионалниот совет за соработка, Мајлинда Брегу, на премиерот Заев му честиташе за посветеноста на имплементирањето на Договорот од Преспа, кој го отвора патот на Македонија до заслуженото место во Европската Унија и е огромна шанса за остварување на перспективите за сигурна иднина на државата и граѓаните на Македонија.

Премиерот Заев и Генералната секретарка Брегу го поздравија начинот на кој напредуваат билатералните односи меѓу Република Македонија и Република Албанија, особено истакнувајќи ги заедничките приоритети на двете земји, односно инфраструктурната поврзаност, трговската и економската соработка.