Премиерот Заев на средба со Комората на СЗМ

Во организација на Стопанска Комора на Северо-Западна Македонија денеска беше одржана работна средба со претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски и министерот за образование и наука, Арбер Адеми. Од страната на СКСЗМ беа присутни претседателот, Неби Хоџа, членови на Управниот и Надзорниот одбор на комората и неколку компании членки.

На средбата се разговараше за предизвиците со кои се соочува бизнис секторот, за владините мерки и политики за поддршка на бизнисот, за инвестициските можности што ги нуди нашата земја, а се разговараше и за актуелните проблеми на кои посочуваат компаниите во вршењето на дејноста на деловните субјекти, и за начините на нивно решавање.

Врвен приоритет на Владата на Република Северна Македонија е развојот на економијата на нашата земја и средбите од овој тип го потврдуваат изграденото партнерство и дијалог со бизнис заедницата што е важно во овој процес на градење доверба и соработка за овозможување на економски раст на земјата од кој бенефит ќе имаат сите.

Премиерот Заев се осврна на економскиот амбиент во земјата и на новите перспективи и инвестициски можности што се отвораат пред компаниите со членството во НАТО и започнувањето на преговорите со ЕУ, како и преку мерките за поддршка од економски политики кои значително го поддржуваат растот и развојот на конкурентноста на домашните компании.

Претседателот на СКСЗМ, Неби Хоџа порача дека јавно – приватниот дијалог што е воспоставен со Владата на Република Северна Македонија е важен за унапредување на соработката и за изнаоѓање на заеднички решенија кои ќе бидат во интерес на компаниите и на граѓаните на Северна Македонија.

Сите претставници од СКСЗМ имаа можност да постават прашања за теми што се од интерес на бизнис заедницата и за надминување на одредени состојби. Во рамки на оваа работна средба беа потврдени заложбите од двете страни за взаемна поддршка и соработка која ќе биде во функција на интензивирање на економскиот раст на земјата како важна цел за раст на приватниот сектор и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.