28/03/2024
Македонија

Премиерот Заев на средба со Могерини во рамки на 74-тото Генерално собрание на ОН

Веднаш по пристигнувањето во Њујорк, по повод учеството на 74-тото Генерално собрание на Обединетите нации, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев присуствуваше на вечерата што за шефовите на држави и влади на земјите од Западен Балкан, ја приреди Високата претставничка за надворешна работи и безбедносни политики и заменик претседател на Европската Комисија Федерика Могерини, во мисијата на Европската Унија во ОН. 

Претседателот на Владата на Северна Македонија на вечерата истакна дека само неколку недели остануваат до октомврискиот самит на Европскиот Совет, кога за Северна Македонија се очекува позитивна одлука за започнување на преговори со ЕУ.

Во разговорот за време на вечерата, премиерот Заев истакна дека ова е клучен период за нашата земја и дека сите напори се фокусирани на тоа да се задржи позитивниот дух кај сите земји членки на ЕУ за поддршката за Северна Македонија да ги отвори преговорите со ЕУ. 

По добивањето на кандидатскиот статус за членство во ЕУ во 2005 година, низата на последователни позитивни препораки од Европската Комисија и афирмативните заклучоци на Европскиот Совет во 2018 и 2019 година, како и заради остварените и признаени резултати, Северна Македонија е подготвена да ги започне преговорите со ЕУ без натамошно одлагање. 

Стартот на преговорите ќе биде успех и на Северна Македонија и на ЕУ, како резултат на заедничките остварувања за време на предпристапниот процес, нагласи премиерот на вечерата што за шефовите на владите на земјите од Западен Балкан, ја приреди Високата претставничка за надворешна работи и безбедносни политики и заменик претседател на Европската Комисија Федерика Могерини, во мисијата на Европската Унија во ОН.

Учеството на владината делегација на 74-тото Генерално собрание на ОН, официјално започнува денеска со учеството во работата на самитите посветени на климатските промени и на универзална здравствена заштита.