26/04/2024
Македонија

Премиерот Заев со постојаната координаторка на Обединетите нации во земјата Дуџак

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска во својот кабинет ја прими Росана Дуџак, постојана координаторка на Обединетите нации (ОН) во Република Северна Македонија, која му го честиташе почетокот на вториот мандат со желби за плодна работа изразувајќи поддршка и продолжување на интензивната соработка со органите и телата на ОН и во наредниот период.

Истакнувајќи дека вториот мандат во 2020 година започнува во поинаков и многу подобар политички контекст отколку во 2017 година, премиерот Заев оцени дека во услови на обновена демократија и унапредување пријателски односи со соседите, Владата останува посветена на имплементација на договорите со Република Грција и Република Бугарија, на зајакнување на независните институции, политичкиот дијалог и подобрување на економскиот и социјалниот стандард на граѓаните.

Премиерот Заев изрази задоволство и се заблагодари за огромната поддршка која ја има нашата земја од Обединетите нации во значајни области за граѓаните и која е од исклучително значење во остварувањето на напорите за унапредување на стратешките цели на земјата, како што се оствареното членство во НАТО и одлуката за почнување преговори за влез во Европската унија.

Постојаната координаторка на ОН, во разговорот со премиерот Заев посочи дека Програмата на Владата веќе содржи многу од приоритетите на Обединетите нации во земјата, како економска трансформација, грижа за сите („никој да не заостане“), родова еднаквост, одржлива животна средина и отчетно владеење, подвлекувајќи дека семејството на ОН е подготвено да поддржи широк процес на консултација за да се формулира Национален развоен план преку широк општествен консензус.

На средбата беше потенцирано дека партнерската соработка меѓу Владата, институциите во нашата држава и ОН за прашањата значајни за граѓаните и државата, како и за активностите за реализација на глобалните цели за одржлив развој, утврдени од Обединетите нации продолжуваат со ист интензитет, особено во справувањето со последиците од пандемијата од вирусот КОВИД-19 и преземањето мерки за стабилизирање на економијата во земјата.