28/03/2024
Македонија

Премиерот Заев на средба со пратеници на германскиот Парламент

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, вчера се сретна со пратениците на германскиот Бундестаг, Кристијан Шмит, кој е член на Парламентарната комисија за надворешни работи на владејачката Демохристијанска унија (ЦДУ/ЦСУ) и Петер Бејер, координатор за Трансатлантска соработка на Сојузната Влада, придружувани од Јоханес Д. Раи, официјален претставник на Фондацијата „Конрад Аденауер“ и заменик-амбасадорот на Сојузна Република Германија Ото Граф.

На средбата е повторена континуираната поддршка од Сојузна Република Германија за евро-атлантските интеграции на Република Северна Македонија и е констатирано дека државата е подготвена да направи напредок и во европските интеграции.

На средбата беше разговарано за придобивките од Преспанскиот договор со Грција и беше истакната посветеноста на Северна Македонија на градење на добри односи со сите соседи како пример, како низ дијалог и пријателство се решаваат важни прашања со соседите, што како што беше потенцирано претставува силна порака дека регионот на Балканот може да биде носител на мир, безбедност и стабилност.

„Членството во НАТО е наша заедничка иднина и подготвени сме да соработуваме во интерес на нашите и сите останати граѓани во регионот, затоа што обезбедувањето стабилност и безбедност е многу важно за растот на економијата и привлекувањето на инвеститорите“, истакна премиерот Заев на средбата со пратениците, на која беше најавено дека во скоро време германскиот Парламент ќе го ратификува Протоколот за прием на нашата држава во НАТО.

Премиерот Заев посочи дека почитувањето на Концептот „Едно општество за сите“ и отворениот дијалог со опозицијата се основните чекори на кои е посветена Владата и кои придонесуваат за имплементирањето на основните принципи на владеењето на правото и демократијата.

„Имаме највисока мотивација и добро поставена цел, по 14-годишен кандидатски статус да добиеме датум на почеток на преговорите со Европската Унија. Продолжуваме со отпочнатите реформи во правосудството, јавната администрација, безбедносните служби и антикорупциската политика“, подвлече премиерот Заев.

На средбата е оценето дека отворањето на преговорите со Европската Унија, односно донесување позитивна одлука на Советот на министри на ЕУ во јуни, базирана на досегашните постигнувања и заслуги, ќе биде силна мотивација за продолжување во таа насока и дополнително интензивирање на реформите, што како што беше заклучено, е важно за земјата и целиот Западен Балкан, пред сè од безбедносен аспект, но и заради развојот на економијата и забрзаното имплементирање на европските стандарди.