19/04/2024
Охрид

Премиерот Заев на свечената академија по повод 1000 години од Охридската Архиепископија

Премиерот Зоран Заев, во присуство на државниот врв и Синодот и свештенствоти на МПЦ предводениод Архиепископот Охридски и Македонски, Претстојател на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, Г.Г. Стефан, како и пред присутните највисоки претставници на научните и културни институции на Република Македонија, во своето обраќање, кое го пренесуваме во целост, истакна:

Значаен јубилеј нe собра денеска. Илјада години од основањето на Охридската Архиепископија. Овој значаен настан од пред илјада години, тогаш имаше за цел да го прави тоа што го направи и денеска: Да не собере во заедништво, за да ја славиме Црквата Христова.

Истовремено сакам да издвојам дека тогаш, како и денеска, Охридската Архиепископија беше една важна одредница во историјата на црквата, во историјата на христијанството на овие простори.

Христовата црква, со востоличувањето на катедрата на Охридската Архиепископија, не беше нова црква. Таа беше светла точка од историјата на континуитет на христијанството на овие простори со корени уште од апостолско време.

Христијанството на просторите на географска Македонија, прв го донесе, го прошири и го проповедаше Светиот апостол Павле, за што сведочат и Делата Апостолски. На тие негови патувања бил придружуван и од други апостоли, кои подоцна и самите, независно од Светиот апостол Павле, ќе проповедаат и ќе ја шират црквата Божја на овие простори.

Низ историјата на Христијанството се запишани бројни сведоштва за долгиот развој на црковното организирање, со богат духовен живот на бројните митрополии и епископии. За тој период, низ целата територија на денешна Република Македонија, говорат голем број ранохристијански базилики и црковни храмови.

Во историската низа на организираниот црковен живот, се вградени значајни датуми, настани и личности: Од Јустинијан Први и Автокефалната Архиепископија Јустинијана Прима, до светите браќа Кирил и Методиј, кои заедно со своите ученици Свети Климент Охридски и Свети Наум Охридски, го ширеле апостолското мисионерско дело на Светиот Апостол Павле со мисијата за сесловенско просветлување.

Директен резултат на просветителската дејност меѓу словенските народи на Светите браќа Кирил и Методиј, а подоцна и на светите отци охридски Климент и Наум, е никулецот од кој потоа израснуваат и првите словенски епископи на Светата Охридска Архиепископија.

Со овој настан, со кој одбележуваме 1000 години од постоењето на Охридската Архиепископија, се сеќаваме на одлуката кога во 1018 година, со трите златни печати, хрисовули, на тогашниот византиски император, била регулирана канонската положба и јурисдикција на Архиепископијата со катедра во Охрид. 

Охридската Архиепископија претставувала духовно средиште на христијаните и народите што ја прифатиле оваа верска припадност на целата територија на географска Македонија, и била обединувачки, над-етнички фактор, со оглед на фактот дека во тоа време црквата не била обременета со етнофилетизам и не била омеѓена од државните или од границите на кралствата и империите од таа епоха.

Како таква, Охридската Архиепископија опстојувала цели осум века, сè до 17 мај 1767  година, кога е укината, а нејзините епархии се присоединети кон Цариградската патријаршија.

Паралелно сo развојот на црквата на овие простори, се одвива и историскиот процес на формирањето на македонскиот идентитет, кој во поголем дел го приспоил христијанството како верска определба. Од Охридската Архиепископија тој идентитет бил засилен и облагороден, како од духовен извор.

Оттаму, сите идни премрежја и опстојби на Охридската Архиепископија, се премрежја и опстојби на народот кој себе си се идентификува како македонски и кој ја започнува својата исконска и егзистенцијална определба и борба да го избори своето место како рамноправен, признаен и прифатен европски народ со автентичен идентитет.

Во 19-тиот век, на тлото на Европа особено, отпочнаа последните големи историски процеси на формирањето и дефинирањето на нациите, кога православните христијански народи формираа  автокефални национални цркви.

Иако во принцип, оваа појава беше во спротивност со изворните карактеристики на Охридската Архиепископија и на православната христијанска духовност, која не познава такви граници, сепак, заради историските околности, со конечното остварување на вековниот стремеж за сопствена, самостојна држава, народот во Македонија после втората светска војна, ги поттикна и отвори процесите за  создавање на Македонската Православна Црква, која се повика на духовните врски со својата изворна матица – Охридската Архиепископија.

После темелните подготовки, во 1958 година во Охрид е одржан Вториот македонски Црковно-народен собор, каде што е прифатен предлогот за обнова на Свети-Климентовата Охридска Архиепископија, олицетворена во самостојната Македонска Православна Црква, а за нејзин прв епископ е избран Господин Доситеј. Светиот Синод на МПЦ на 17 јули 1967 година во Охрид, го свика Третиот црковно-народен собор, и на свечена седница во охридската црква Свети Климент Охридски, ја прогласи Македонската Православна Црква за АВТОКЕФАЛНА – Точно 200 години по укинувањето на Охридската Архиепископија.

Денеска чествуваме 1000 години од Охридската Архиепископија. Тоа се десет векови поврзаност и континуитет со колевката од која произлезе духовната сувереност на народот кој се збра околу идејата за своја држава и се избори за неа.

Никој денеска не може да го порекне, да го отфрли, тој посебен однос помеѓу Охридската Архиепископија и народот во Република Македонија. Однос изграден на длабоки врски и почит со наследството што православните христијански верници го негуваат со Охридската Архиепископија.

Охридската Архиепископија го поврза своето постоење со Македонската Православна Црква, која иако се соочува со бројни искушенија, никогаш не посегнала по ништо што е туѓо, а на својата автокефалност се повикува како што на неа се повикуваат сите помесни православни цркви денеска. 

Македонската православна Црква – Охридска Архиепископија, го има устројството и црковната структура, организираност и свештенство како и сите други православни цркви. Десет активни Епископи кои управуваат со 12 епархии. 600 активни свештеници во околу петстотини парохии со повеќе од две илјади цркви и манастири. Надвор од границите на Република Македонија, Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија се грижи за дијаспората во четири епархии.

Во духот на Охридската Свети Климентова школа, во апостолски дух, од средното богословско училиште „Свети Климент Охридски“ и од Богословскиот факултет „Свети Климент Охридски“, секоја година излегуваат нови, млади теолози и свештеници.

Над 200 монаси и монахињи во живите манастири под јурисдикција на МПЦ го чуваат живото светоотечко предание.

Изградени се многу нови цркви и манастири низ целата диецеза на МПЦ ОА. Возобновени се старите школи за византискиот иконопис на фрески и икони, според кои Македонија има посебно значење во светот.

Црковните епархии се појавуваат како издавачи на десетици наслови богослужбени и теолошки книжевни дела, како и житија на светиите.

Со духовниот препород, верниците ги наполнија црквите и манастирите.

Ова се сведоштва за жива црква, со полн духовен раст.

Искрено се надеваме дека многу скоро, ќе преовлада христијанската љубов и добрата волја и дека и МПЦ-ОА ќе стане дел од единството на православната заедница.

Повторно ќе се повикаме на вредностите на древната Охридската Архиепископија која била духовната обединителка на православните народи, и уверени сме дека нејзиниот дух возобновен во Македонската Православна Црква може да прерасне во алка на помирување и обединување околу изворните принципи на заедништво на православната црква.

Нека ни е честит и вековит илјадагодишниот јубилеј на Охридската Архиепископија!