28/03/2024
Македонија

Премиерот Заев на трибина со Стопанска комора на Македонија

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска учествуваше на трибината „Перспективите на македонската економија од членството во ЕУ И НАТО“ во организација на Стопанската комора на Македонија којашто се одржа во кругот на фабриката Кромберг и Шуберт во индустриската зона Жабени, општина Битола, и на присуствуваше и заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев.

Во двочасовната дискусија на премиерот Заев со извршната директорка на Стопанска комора на Македонија, Билјана Пеева Ѓуриќ пред присутните стопанственици се отворија важни теми и економски прашања кои се однесуваат на придобивките за бизнисот и македонската економија од важната одлука пред којашто се исправени македонските граѓани на 30-ти септември за членството на земјата во ЕУ и НАТО.

„Податоците покажуваат дека од политиките на градење пријателство, на отворање на перспективи кон големите пазари, отворање надеж и охрабрување за инвестиции, странските и домашните вложувања веќе се зголемуваат во Македонија. 327 милиони евра се странските директни инвестиции во првото полугодие во Македонија во споредба со лани кога беа 105 милиони евра. Тоа е податок кој покажува дека Македонија станува попријатно место, доволно мотивирачко овде да се создава профит, а очекувањето на државата е преку ваквите инвестиции странски или домашни да расте БДП“, потенцираше премиерот Заев.

Во однос на економските придобивки кои се очекуваат во иднина од воспоставеното пријателство со Република Грција премиерот Заев рече дека преку комплетирање на изградбата на пругата Битола Кременица, битолскиот регион инфраструктурно ќе се поврзе со Грција и како резултат на тоа се очекува да расте соработката на економски план помеѓу двете земји и да се продлабочуваат бизнис релациите помеѓу граѓаните од двете земји.

„Она што е наша надеж е дека со отворањето на преговорите со ЕУ ќе имаме пристап до нови фондови. Паралелата што ја правиме помеѓу земји членки на ЕУ и земји кандидати како нас покажува десет пати повисоко користење или овозможување на европски фондови. Ако Македонија за 2007-2014 имала на располагање 680 милиони евра, Хрватска имала за тој период кога била земја кандидат 850 милиони евра. Еве Хрватска денеска е земја членка и има 10 милијарди и 500 милиони евра фондови за користење за една програма во период од шест, седум години“, рече премиерот Заев.

Вицепремиерот за економски прашања д-р Кочо Анѓушев истакна дека Владата оваа година во буџетот издвои рекордни средства, односно преку 30 милиони евра за поддршка на стопанството.

Овие средства пред сè се насочени за поддршка на компаниите преку мерките од Законот за финансиска поддршка на инвестициите, среднорочната програма на работа на Фондот за иновации и технолошки развој, како и за мерките за вработување на Агенцијата за вработување.

“Владата издвојува средства за поддршка на конкурентноста на македонските компании. Слушнавме дека само околу 6% од компаниите се извозно ориентирани, а ние сакаме да го поттикнеме технолошкиот развој и иновации во компаниите за да бидат поконкурентни на меѓународните пазари. Како држава одвојуваме средства за развој, но во влез во ЕУ и НАТО компаниите добиваат шанса да црпат финансиска поддршка од фондовите на ЕУ. Еве на пример, за технолошки развој, компаниите во Бугарија имаат на располагање околу 400 милиони евра. Воедно се добива шанса да се конкурира на меѓународни тендери. Секако, треба да се испорача квалитет, но тоа е шанса за компаниите. Видете, идентитетот наш е гарантиран, сега на македонскиот народ му треба економски раст и развој, а Владата секако работи на нови вработувања, на повисок стандард и со тоа на посилна економија. Растот на БДП во вториот квартал од 3,1% е добар чекор напред, бидејќи е креиран од реалната економија, од стопанството”, нагласи вицепремиерот Анѓушев.