28/03/2024
Македонија

Премиерот Заев на трибина „Забрзување на долгорочниот развој на Западен Балкан“ во Давос

Како дел од програмата на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, денеска се одржа дебатата „Забрзување на долгорочниот развој на Западен Балкан“, на која свое учество имаше и Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев.

На дебатата на која учествуваа претседателите на Република Србија Александар Вучиќ и на Република Косово Хашим Тачи, премиерите на Република Бугарија Бојко Борисов, на Република Црна Гора Душко Марковиќ, на Република Хрватска Андреј Пленковиќ, на Република Албанија Еди Рама, како и министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина Игор Црнадак, свој придонес имаа и Јоханес Хан, комесарот за соседска политика и за проширување на Европската Комисија, потсекретарот за политички прашања на УНДП Џефри Фелтман, како и извршни директори на неколку големи компании со свои бизниси во регионот Западен Балкан.

Премиерот Заев на дебатата порача дека земјите од Западен Балкан, без разлика на степенот на нивниот напредок во преговорите со ЕУ, можат многу да придонесат за сите земји од регионот и за секој сосед доколку негуваат позитивен и искрен пристап, и доколку, наместо некогашните и непродуктивни провокации ги заменат со добра волја и дијалог.

Претседателот на Владата на Република Македонија како пример го истакна непосредното искуство на Република Македонија која тргна решавање на отворените прашања со соседите, наместо да ги злоупотребува за тесен политички интерес, и дека не треба да се штеди на храброст да се решаваат наместо да избегнуваат предизвиците.

Премиерот Заев рече дека секој треба да покаже грижа за соседите, а лидерите на Западен Балкан треба да настојуваат да му дадат на светот еден нов Балкан во кој нема конфликт, туку само соработка, и така да се стекне почитта и да се оправда поддршката на нашите стратешки партнери за регионот.

За време на на дебатата на тема „Забрзување на долгорочниот развој на Западен Балкан“, премиерот Заев нагласи дека е важен напредокот на секоја од земјите од регионот и дека е илузија дека една земја ќе напредува правејќи ѝ штета на друга.

Во завршницата на трибината премиерот Заев потсети дека на регионот му се ставени на располагање неколку рамки за развој и поврзување како што е Берлинскиот процес, и дека останува и понатаму отворената опција за билатералните или мултилатералните проекти на земјите од Западен Балкан за кои постои отворена поддршка на ЕУ и на другите организации на меѓународната заедница.