29/03/2024
Македонија

Премиерот Заев одговараше на повеќе прашања поврзани со неговото интервју за медиум од Република Бугарија

Претседателот на Владата Зоран Заев денеска одговараше на повеќе новинарски прашања поврзани се некои аспекти на неговото интервју за еден медиум од Република Бугарија.

Во продолжение на ова соопштение ви ги пренесуваме одговорите на премиерот Заев на сите прашања во целост:

„Постојат факти кои што можат да ги потврдат сите, а тоа е дека Царска Бугарија 1941 година застанува на страната на Тројниот Пакт на фашизмот. Во тие моменти никој не ги прашал Бугарите на референдум, ниту некој ги прашал каква е нивната определба за да можеме денеска цела Бугарија да ја оквалификуваме како фашистичка. Тоа не е пријателство, тоа не е европски. Зарем заборавивме дека и во нашата Македонија и тогашна Југославија имаше соработници на окупаторите, на фашистите, домашни предавници. Тоа не ги прави  ниту денешните Германци, Италијани, Бугари, Јапонци или слично, фашисти. Европа ги реши прашањата на европски начин, треба и Балканот да ги реши прашањата на европски начин , ако сака да продолжи кон Европа. Да не заборавиме, но, да простиме. Да подадеме рака и да гледаме низ призмата на иднината. Затоа што, денеска треба да живееме, а треба да обезбедиме иднина за идните генерации“. 

На прашањето, зошто во интервју споменува администрација, премиерот Заев одговори:

„Окупацијата од страна на фашизмот била присутна насекаде во Европа и во светот. Таа е окупација, но не е причина да кажете дека цел еден народ, без разлика дали е македонскиот, албанскиот, бугарскиот, српскиот, дека е окупатор. Затоа велам администрација. Затоа што тогашното раководство на Бугарија, Царска Бугарија се приклучува и донела одлука да се приклучи на Третиот Пакт, како што знаеме сите и тоа е факт.

Но, денес да зборувате за фашистичка Бугарија, фашистичка Германија, да зборувате за цела една нација, да зборувате за денешните генерации, и како резултат на дел на предци кои тоа го направиле. Тоа не е поглед кон иднината. Затоа, прашањето  е дали ги употребуваме вистинските зборови, за да градиме пријателство, да градиме мостови на пријателство или не. Треба да ги прифатиме историските факти, треба да ги признаеме грешките, да не заборавиме на минатото, но, секако да си простиме, да подадеме рака и да одиме заедно, заради тоа што тоа е најмалку што нашите деца го очекуваат од нас“.

Премиерот Заев одговори и на прашањето за промените кои се направени на спомен-обележјата, а кои во најголем дел се во надлежност на општините:

„На плочите, каде што пишувало бугарска фашистичка рака, бугарски фашистички куршум,  е оставено фашистички куршум,  фашистичка рака. Затоа велиме, да не заборавиме, но да внимаваме. Тоа е направено на цела територија на државата, на многу места, на најголем дел се надлежни самите општини. Согласно Договорот за пријателство со Бугарија и обврската за негување на пријателство меѓу двете земји, коишто се преземени од двете страни е постапено“. 

Претседателот на Владата одговори и за реакциите на социјалните мрежи:

„Секако дека ги видов и ги разбирам. Но лидерите треба да ја водат државата. Тие треба да го прават следниот исчекор. Јас целосно ги разбирам поривот на чувствата на социјалните мрежи. Но истите тие мои сограѓани споделуваат иста историја како и мојата. Антифашистичката борба е дел и од моето семејство, дел од градот во кој што живеам. Дел од мојата татковина. Но тоа историско минато не треба да  не ограничува во трасирањето на патот на нашата европска иднина. И секако, имајќи разбирање за чувствата на граѓаните, споделувајќи за нашите дедовци и баби кои што беа учесници во НОВ, наша должност и како народ и како нација, а посебно моја должност, е да ги правам чекорите и да градам пријателство низ призмата на европската иднина. Дури 85 %  од граѓаните се за интеграција во ЕУ и ако не гледаме низ призмата на простувањето, низ призмата на пријателството, низ призмата на подавањето рака, треба да знаеме дека тоа не е начин за исполнување на целта на патот по кој што тргнавме.

Факт е исто така дека во 1944 партизански одреди од тогашната комунистичка партија на Бугарија се приклучуваат во ослободителните антифашистички борби, заедно со советската Црвена армија, во ослободување на делови од Балканскиот полуостров од фашистичката окупација. Гледајќи ги сите историски аспекти од 1941 до 1944 треба да го гледаме и европскиот мултиперспективен историски аспект за да можеме дефинитивно да градиме европска иднина за целиот наш народ и за нашата татковина.“

На прашањето што ако и после ова интервју остане ветото од Бугарија и кога ќе бидат објавени деталјите од меморандумот испратен во Софија, премиерот Заев рече:

„Сите документи за кои што се разговара се документи за разговор. Тие се променлива категорија и може да бидат усогласени и прифатени, а може  и да не бидат. Затоа што ќе  одлучува Бугарија е работа на Бугарија. Тоа што е наше и наша иницијатива за решавање на отворените заради продолжување на  процесот на интеграцијата целиот Западен Балкан во ЕУ, вклучително и на Северна Македонија, е наша одговорност и нашите чекори ние ги правиме. Јас верувам дека треба да направиме се од двете страни, со меѓусебно разбирање, со подавање рака, со градење на пријателство да продолжи интеграцијата на целиот регион во ЕУ затоа што тоа не е само наша аспирација и стратешка цел, туку е аспирација и стратешка цел и на нашиот источен сосед, пријателска Република Бугарија. 

На прашањето кој ги уби децата во Ваташа, премиерот Заев одговори:

„Фашистичкиот окупатор. Како што имавме и изблици дури и на наши сограѓани со предавства на македонски револуционери и партизани и херои. Фашизмот нема етничка боја.“

Премиерот Заев одговори и на прашањата поврзани со идентитетските теми и во таа насока истакна: 

„Македонскиот јазик и македонскиот идентитет не се на маса за преговори. Никаде во светот не се преговара за идентитет и за свој мајчин јазик. Прво благодарам на сите наши граѓани од другите етнички заедници албанската, турската, српската, влашката, бошњачката, ромската, од сите етнички заедници за оваа голема поддршка ни ја даваат секогаш исправени пред дигнитетот на својот сограѓанин, а тоа е нашиот македонски народ и Македонците како етникум, во овие констелации на преговори. 

Бугарија ја признава реалноста за македонскиот јазик и македонскиот идентитет, но сака да зборува за историјата, за минатото, за корените. Тоа е работа прво на историчарите, но политичар сум и политички ќе кажам. Корењата, историјата на мојот народ и на мојот македонски јазик, се исто мое суверено право и право на самоопределување. Бугарија е првата земја која ја призна сувереноста на Република Македонија тогаш, денешна Република Северна Македонија. Суверено право е моето право на самоопределување. Мене ми е драго што ја признаваат реалноста. И ја повикувам да ја признаат таа реалност јавно и отворено. Постоењето на Македонците и македонскиот јазик апсолутно не е против интересите на Бугарија. Признавајќи ја таа реалност можеме да направиме исчекор кон градење на пријателството.

Дали ќе помогне интервјуто. Не знам дали ќе помогне. Сакам да му помогнам на мојот македонски народ. За да има други погледи на светот. Сакам да бидам одговорен политичар, којшто не калкулира со својата политичка кариера, туку отвора перспективи за својот народ и за својата земја. Тоа е европско лидерство тоа е одговорноста на политичарите, коишто добиваат чест да носат одлуки и да водат напред. Јас  верувам дека храбрите и принципиелни чекори зад кои стојам и денеска ги потврдувам со сите мои изјави и слично отвораат  перспективна иднина, а не непријателство и антагонизам, затвореност во ровови, меѓусебна омраза и непријателство. Лидерство е да се отвара пријателство, да се создаваат канали на комуникација, да се градат мостови, да се створи можност за поголема економска и било каква перспектива за својот народ.“

На прашањето што е тоа што ни е заедничко со Бугарија, претседателот на Владата Заев рече:

„Низ историјата регионот географски Македонија, за Македонија, македонското, Македонците. Имало различни видови на толкување и различен вид на значење на овие зборови, од регионален аспект, етнички аспект,  национален аспект и слично. Во тој регион Македонија историски, крајот на 19 век и почетокот на 20-тиот век живееле Македонци што збореле македонски јазик, живееле и Бугари што зборувале бугарски јазик, имало и луѓе што се чувствувале Македонци, луѓе што се чувствувале Бугари, но и луѓе што се чувствувале и Македонци и Бугари. Низ тоа заедничко минато, коешто е и македонско и бугарско, низ тоа заедничко минато, коешто е дел од нашата заедничка општа историја се изнедриле двата современи народи со два свои современи јазици. Тоа е македонскиот јазик стандардизиран, литературен македонски јазик и бугарскиот јазик, стандардизиран литературен бугарски јазик. Тоа е решението. Јазиците наши потекнувааат доминанто овде на Балканите од старословенската писменост и култура. Создадената глаголица од светите Кирил и Методиј, коишто заедно ги чествуваме. А потоа од нивните наследници светите Климент и Наум  Охридски, кирилицата којашто ја создале и денеска имаме рака во Македонија, р`ка во Бугарија и рука во Србија. Тие се корените, кои можеме да ги гледаме како нешто што е заедничко и не сплотува, а корените можеме да ги гледаме и како нешто што не разделува. Ако сме Европејци и паметни ќе го гледаме ова првото, нешто што не сплотува, нешто што не прави блиски и регионално и овде на Балканите како југоисточен дел на Европа. Заедно соработувајќи дефинитивно ќе не почитува и Западна Европа и Северна и Источна.