Премиерот Заев прими делегација на МНР на Грција предводена од Никос Коѕијас

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска ја прими во посета делегацијата на Министерството за надворешни работи на Република Грција, предводена од министерот Николаос Коѕијас, која е во дводневна официјална посета на нашата земја.

Посакувајќи им добредојде на министерот Коѕијас и на останатите членови на делегацијата, премиерот Заев, кој на средбата беше придружуван и од министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Димитров, истакна дека и оваа средба го зазема своето место како значајна во разговорите за проблемот што Република Грција го има со уставното име на нашата земја, и дека се совпаѓа со еден исклучително позитивен момент кога се очекуваат трајни решенија за билатералните прашања во регионот во перспектива на очекувањата на Европската Унија.

– Фокусот на нашите разговори мора да биде иднината меѓу двете земји. Треба да сме одлучни, и да правиме чекори кои не водат поблиску до решението на единственото отворено прашање меѓу нашите две земји. Уверен сум дека овој пристап ќе доведе до решение кое ќе им даде доволно прифатливи аргументи на институциите во двете земји, како и на опозицијата, да прифатат дека тоа ќе биде достоинствено и за Република Македонија и за Република Грција – истакна премиерот Заев на средбата со министерот за надворешни работи на Грција, Коѕијас.

Претседателот на Владата на Република Македонија Заев нагласи дека и двете земји за време на процесот практикуваат и негуваат една заедничка, европска вредност, а тоа е взаемното градење на подобри билатерални односи и релации на доверба.

– Останува и понатаму да ги усовршуваме билатералните односи, да ги негуваме и да ги направиме уште подобри откако прашање за името ќе биде решено, бидејќи граѓаните во нашите земји, нашите пријатели во ЕУ и меѓународната заедница, очекуваат решение на ова прашање – рече премиерот Заев.

Министерот за надворешни работи на Република Грција Николаос Коѕијас, потенцираше дека сегашноста и иднината бараат одговорност за решение на отвореното прашање. Министерот Коѕијас истакна дека Грција, како земја членка во НАТО и ЕУ со најстара демократска традиција во регионот, има голема одговорност за решавање на ова прашање, и дека мора да се најде компромис прифатлив за двете страни.