Премиерот Заев се сретна со лидерот на „Самоопределување“ од Косово Албин Курти

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска го прими во посета претседателот на партијата „Самоопределување“ од Република Косово, Албин Курти.

На средбата на која присуствуваа и пратениците Мухамед Зекири од Собранието на Република Северна Македонија и новоизбраните пратеници од Самоопределување во косовскиот парламент Фиторе Пацоли и Либурн Алиу, беа потврдени исклучително добрите односи меѓу двете земји и се разговараше за идната соработка која има силни потенцијали да ги зајакне билатералните врски во интерес на граѓаните на Северна Македонија и Косово.

Во текот на разговорот на средбата како приоритети се издвоија проектите за инфраструктурно поврзување, меѓу кои, освен автопатот Скопје-Блаце, се издвоија како особено добредојдени патните поврзувања меѓу Тетово и Призрен, како и дооформувањето на капацитетите на граничниот премин Јажинце кои во голема мерка ќе ја олеснат комуникацијата на граѓаните и на бизнис иницијативите меѓу градовите од западниот дел на Северна Македонија и југозападниот регион на Косово.

На средбата меѓу премиерот Заев и лидерот на партијата „Самоопределување“ од Косово, Курти, беше нагласено дека одржувањето на добрите односи и новите иницијативи за соработка меѓу двете земји, е од исклучително значење и за Западен Балкан и за секоја земја во регионот одделно од аспект на заедничките аспирации за членство во ЕУ.