20/04/2024
Охрид

Премиерот Заев се сретна со претседавачот на Советот на Министри на Босна и Херцеговина Тегелтија

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска во Охрид се сретна со претседавачот на Советот на Министри на Босна и Херцеговина Зоран Тегелтија.

Премиерот Заев на средбата се заблагодари што претседавачот на Советот на Министри на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија ја прифати поканата да учествува на „Преспа форумот за дијалог“ со што уште еднаш се потврдуваат одличните билатерални односи меѓу двете земји засновани на отворено пријателство, разбирање и взаемна поддршка за заедничките интереси.

Двајцата соговорници на средбата разменија искуства и информации за справувањето со КОВИД-19 кризата, со фокус на имунизацијата и програмите за поддршка на граѓаните за ублажување на социо-економските последици од пандемијата.

Во таа насока Заев и Тегелтија се согласија дека е неопходно колку што е можно поскоро Брисел да го обезбеди ветениот пристап до дополнителните фондови на ЕУ наменети, меѓу другото, и за поддршка на програмите за справување со корона кризата.

На средбата беше истакната заедничката заложба за интензивирање на билатералната и на регионалната соработка со цел подобрување на животниот стандард на народите во регионот.

Северна Македонија ги поддржува европските аспирации на БиХ и е отворена и подготвена за соработка и размена на искуства на тој план и во тој контекст, беше споделено на средбата, политиките на чекање на ЕУ мора да запрат.

Двете земји, истакнаа Заев и Тегелтија, се традиционално поврзани и преку блискоста на народите, а Бошњаците, како составен и витален дел на општеството во Северна Македонија се силна алка во поврзувањето со Босна и Херцеговина.