03/12/2024
Македонија

Премиерот Заев: Сите кои останавме на лидерската средба сме за влез во НАТО и ЕУ и за успешен референдум!

Почитувaни,

Оваа лидерска средба ја свикавме за да одлучуваме заедно и за да избереме стабилност, безбедност и иднина – наместо омраза, поделби и минато.

Граѓаните очекуваат од нас мудри и државнички одлуки. Наша највисока патриотска должност е да им ја обезбедиме иднината на граѓаните. Вечерва, ние, партиите кои сме за НАТО и ЕУ, се обрзуваме дека тоа ќе го исполниме. А, граѓаните, на референдум ќе одлучат и ќе кажат ДА ЗА СВОЈАТА ИДНИНА. 

Сите ние, кои останавме посветени до крај на оваа лидерска средба, сите сме за влез на Македонија во НАТО и ЕУ. Заедно, сме за успех на референдумот на кој ќе одлучуваат граѓаните. Потенцирам, сите што останавме сме за успешен референдум како процес.

Вечерва разговарав со лидерите на политичките партии и ги информирав за можната формулација на референдумското прашање кое би се движело во следнава насока:

„Дали сте за членство во Европската унија и НАТО, со приќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?“.

Разговаравме и за насоката на која не упатува член 27 од Законот за референдум, според кој, во услови кога Собранието треба да донесе некоја исклучително важна одлука во иднина, потребно е, референдумот да биде консултативен, со цел граѓаните на

Република Македонија да бидат консултирани за вака важно прашање, пред да се донесе одлуката, а согласно Договорот со Грција тоа е одлуката за уставни промени.

Во секој случај, волјата на мнозинството граѓани изразена на референдум, ќе биде конечна за сите политички чинители, во Собранието на Република Македонија.

За ова разговаравме сите политички партии кои останавме до крај на лидерската средба.

Почитувани,

Однесувањето на Христијан Мицкоски кое вечерва го демонстрираше во име на ВМРО-ДПМНЕ, е несериозно, неодговорно и навредливо кон сите политички субјекти и кон сите граѓани на Република Македонија.

Ако е Мицкоски за НАТО и ЕУ, и за просперитетна иднина на Република Македонија, тој вечерва требаше да седи, рамо до рамо, со лидерите на политичките партии и да носи одлуки во интерес на граѓаните на нашата земја.

Наместо тоа, Мицкоски одлучи да избега од лидерската средба, а со тоа и да избега од одговорноста за ова историски најважно прашање за македонската иднина.

Што е тоа што Мицкоски не сакаше да го каже пред сите политички лидери, а е спремен да го каже на лидерска средба во помал состав?

Но, јас сум широк човек. Прашањето е премногу вредно за Македонија и вреди да се разговара и понатаму.

Затоа, утре, во 12:00 часот, закажувам уште една лидерска средба, во помал состав, на којашто Мицкоски ќе има уште една можност да се изјасни за тоа дали е за Македонија во НАТО и ЕУ и дали е за тоа граѓаните непречено да одлучуваат за иднината на Македонија.

Ние сме тука, обединети, да покажеме дека ќе одиме напред и ќе успееме да донесеме подобра иднина за сите граѓани.

Република Македонија продолжува напред.

Кажуваме ДА за македонската иднина