19/04/2024
Македонија

Преподобен Гаврил Лесновски

Преподобен Гаврил Лесновски

Се родил во местото Осечко Поле кај Крива Паланка. Неговите родители долго време немале деца, но по нивните молитви милостивиот Бог ги дарувал со машко чедо. Детето добило соодветно образование и не се одвојувало од Светото Писмо. Кога дошло време да се ожени, родителите му нашле девојка од царски род, но таа набргу починала. Тогаш Гаврил ги замолил своите родители да се оддалечи од домот и да се замонаши. Тој добил благослов и заминал. Ноќе, на сон му се јавил ангел, кој му рекол да оди во своето родно место и да изгради црква посветена на Рождество на Пресвета Богородица, на местото што тој ќе му го покаже. Откако се разбудил, Гаврил се вратил назад и им раскажал на своите родители за сонот, а тие му дале пари и тој ја изградил црквата. Преподобниот заминал за Лесновскиот манастир и таму бил замонашен. Постојаните посети од луѓето го натерале светителот повторно да замине оттаму, па се преселил во местото Луково, во една мала шума. По некое време, свети Гаврил заминал уште подлабоко во дивината, на местото Облов Врв, каде што поживеал уште триесет години. Таму го завршил својот свет живот и се претставил пред Господ. Неговите мошти на чудесен начин биле пронајдени на Облов Врв и биле погребани во Лесновскиот манастир. Забележани се многу исцеленија на овој гроб. Неговите мошти денес се наоѓаат во Трново, во храмот посветен на Светите Апостоли.