24/04/2024
Македонија

Преспански ликовни мотиви

На 12 и 13 септември, во организација на јавната установа Дом на култура „Драги Тозија“ Ресен, ќе се одржи дводневна ликовна работилница, насловена „Преспански ликовни мотиви“. На работилницата ќе учествуваат ликовни уметници-аматери од Преспанскиот регион, а вториот ден од работилницата ќе биде посветен на делата на македонскиот ликовен уметник Владимир Темков.

„Годинава, ликовната работилница ќе биде одржана во Претор. Настојуваме веќе неколку години наназад да ги мотивираме нашите уметници да создаваат дела поттикнати од убавините на Преспа, па затоа и локациите за нивната работа ги одбираме да бидат во непосреден контакт со природата. Околу 30-тина уметници од нашиот крај ќе творат инспирирајќи се од она што ќе го почувствуваат и видат покрај езерото. Годинава, работилницата ќе биде дводневна, така што ќе може и да се довршат сите дела. Создадените уметнички фотографии ќе бидат претставени пред ресенската публика воочи Преспанскиот јаболкобер, на изложбата која ќе биде отворена на 26 септември. Така, севкупната јавност ќе има можност да погледне што годинава било создадено на оваа ликовна работилница“, – посочи директорот на Домот на културата „Драги Тозија“, Васко Василевски.

Оваа ликовна работилница се одржува во рамките на одбележување на два значајни јубилеи, 8 Септември – Денот на независноста на Република Македонија и 11 Септември – Денот на ослободувањето на Ресен и Преспа.