29/03/2024
Македонија

Претседателот Иванов ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Словачката Република во РМ

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Словачката Република во Република Македонија, Н.Е. г. Хенрик Маркуш.

На средбата со амбасадорот на Словачката Република, Н.Е. г. Хенрик Маркуш, претседателот Иванов изрази задоволство од успешниот развој на билатералните односи меѓу Република Македонија и Словачката Република кој се одразува со соработката во многу области од заемен интерес, а се заснова на меѓусебно пријателство и почит.

Претседателот Иванов го истакна големото значење на досегашната поддршка од Словачката Република која и преку форматот Вишеградска група дава конкретна помош и поддршка за европската и евроатлантската перспектива на Република Македонија изразувајќи длабоко уверување дека истата ќе продолжи и во наредниот период.

„Република Македонија заслужува да ги отпочне преговорите за пристапување во Европската Унија и да ја добие поканата за членство во НАТО без натамошно одложување. Подготвени сме да придонесеме во изградбата на нашата заедничка иднина во Европа, ширејќи ја нашата визија за отворен пристап кон европските партнери, заснован на определбата за пријателство, конструктивна соработка, меѓусебно почитување и искрен приод во односите,” рече македонскиот претседател.

Амбасадорот на Словачката Република, Н.Е. г. Маркуш, истакна дека двете земји уште од времето на Св. Кирил и Методи ги врзуваат духовни и културни врски кои се солидна основа за нивно понатамошно развивање. Тој ги истакна истите стратешки цели во поглед на надворешната политика на двете земји – европската и евроатлантската интеграција и порача дека Словачка ќе даде се од себе да ѝ помогне на Македонија да го постигне заслужениот напредок во блиска иднина.

Претседателот Иванов на новоименуваниот амбасадор му честиташе за функцијата и му посака успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.