25/04/2024
Македонија

Претседателот Иванов го потпиша Указот за прогласување на Законот за ратификација на Конвенцијата на СЕ

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го потпиша Указот за прогласување на Законот за ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство.

Претседателот Иванов ги поздравува основните декларирани причини за ратификација на Конвенцијата во однос на спречувањето и борбата против насилството врз жените и домашното насилство, позната како Истанбулска конвенција.

Во годишното обраќање во Собранието на Република Македонија, Претседателот Иванов истакна дека носечката поента на Конвенцијата е неспорна, бидејќи се однесува на борбата против насилството врз жените и домашното насилство, кое секогаш и секаде треба да подлежи на осуда и санкција. Воедно, Претседателот на Република Македонија целосно ги поддржува напорите во борбата против насилството врз жените и домашното насилство.

Денешното соопштение на Платформата за родова еднаквост претставува искривување на реалноста и вадење од контекст на искажаната загриженост на Претседателот. Претседателот Иванов, како и во Годишното обраќање, а врз основа на пристигнатите реакции во Кабинетот на Претседателот, искажува загриженост за само три члена од Конвенцијата. За да бидеме попрецизни и правилно да се информира јавноста, во продолжение ги наведуваме трите члена кои создадоа загриженост кај дел од јавноста, но и кај Претседателот. Станува збор за следните три члена:

1. Нова дефиниција на „род”

• Член 3, (в): „род” ги означува општествено конструираните улоги, однесувања, активности и атрибути што дадено општество ги смета за соодветни за жените и за мажите.”

Истанбулската конвенција кодифицира контроверзна дефиниција на „родот” како општествен конструкт што е независен од биолошката реалност на „полот”. Оваа дефиниција поаѓа од позицијата дека човекот е роден како неутрално битие кое може да го утврди и/или промени неговиот или нејзиниот род во текот на животот и под влијание на различни општествени фактори. Во Член 9 од Уставот на Република Македонија се користи терминот пол, а не род: „Граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување; имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.” Дефиницијата на Истанбулската конвенција е во контрадикција и со актуелните дефиниции во меѓународното право, односно, Член 7 од Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд: „Во овој Статут, поимот „род” се однесува на двата пола, машкиот и женскиот во контекст на нивните општествени улоги и разлики. Поимот „род” нема друго значење освен горенаведеното.”

2. Правата на родителите да обезбедат образование и настава во согласност со своите верски и филозофски убедувања

• Член 12, став 1 од Конвенцијата: „Страните ги преземаат потребните мерки за промовирање промени во општествените и културните шаблони на однесување на жените и мажите, со цел искоренување на предрасудите, обичаите, традициите и сите други практики кои се засноваат врз идејата за инфериорност на жените или врз стереотипните улоги за жените и мажите.”

• Член 14, став 1 од Конвенцијата: „Страните ги преземаат, кога тоа е соодветно, потребните чекори за воведување на наставен материјал за прашања како еднаквост меѓу жените и мажите, нестереотипни родови улоги, заемна почит, ненасилно решавање конфликти во меѓучовечките односи, родово засновано насилство врз жените и право на личен интегритет, адаптирани на развојниот капацитет на учениците, во формалните наставни програми на сите нивоа на образование.”

Претседателот Иванов смета дека овие одредби можат да резултираат со сериозно ограничување на фундаменталното човеково право на родителите да обезбедат нивните деца да имаат образование и настава во согласност со нивните верски и филозофски убедувања. Ова право е гарантирано со повеќе меѓународни конвенции: Универзалната повелба за правата на човекот, Член 26, став 3; Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права, Член 13, став 3; Протоколот кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи, Член 2; Закон за семејство на Република Македонија, Член 8 и Член 46, став 1.

Со ратификацијата на Конвенцијата, дефиницијата за родот како општествена конструкција станува обврзувачка. Тоа дополнително може да го ограничи правото на родителите да се спротивстават на контроверзни образовни програми со кои би им се наложувало на децата да размислуваат во родово неутрални термини. Понатаму, во светло на Член 33 од Истанбулската конвенција, таквото спротивставување би можело да биде интерпретирано како психолошко насилство.

3. Широко толкување на психичкото насилство

• Член 33 од Конвенцијата: „Страните ги преземаат потребните законодавни или други мерки за да обезбедат дека намерното однесување кое сериозно го нарушува психичкиот интегритет на некое лице со употреба на присилба или закана се инкриминира.”

Македонскиот претседател укажува дека оваа одредба може да биде злоупотребена за да се ограничи правото на совест, мисла и вера. Како логичка последица, дури и искажувањето на спротивно мислење може да биде толкувано како „нарушување на психичкиот интегритет”. Во однос на оваа одредба, Претседателот смета дека би било корисно да се стави резервацијата предвидена со Член 78, став 3 на Конвенцијата: „Секоја држава или Европската унија може, при потпишувањето или при депонирањето на инструмент за ратификација, прифаќање, одобрување или пристапување, да упати декларација до Генералниот Секретар на Советот на Европа со која го декларира правото да пропише санкции од некривичен карактер наместо кривични санкции, за однесувањата опишани во членовите 33 и 34.”

Претседателот Иванов со внимание ќе го следи прилагодувањето на македонскиот правен систем со одредбите на Истанбулската конвенција. Како и до сега, Претседателот Иванов ќе продолжи да се залага за заштита и унапредување на правата на жените во македонското општество.