24/04/2024
Македонија

Претседателот Иванов на средба со Претседателот на Владата на Република Словенија, Миро Церар

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими претседателот на Владата на Република Словенија, д-р Миро Церар, кој престојува во официјална посета на Република Македонија.

На средбата се разговараше за унапредувањето на билатералните односи меѓу Република Македонија и Република Словенија, за политичките актуелности во двете земји и беа разменети мислења за предизвиците со кои се соочува регионот на Балканот.

Претседателот Иванов и премиерот Церар ги потврдија одличните односи меѓу Република Македонија и Република Словенија кои ги карактеризираат трајно пријателство, доверба и цврсто партнерство.

Заедничка констатација на двајцата соговорници беше дека во иднина напорите треба да бидат насочени кон интензивирање на економската соработка и трговската размена, преку поблиска соработка на бизнис заедниците и поттикнување на инвестициите од двете држави.

Во однос на македонските евроатлантски интеграции, претседателот Иванов изрази благодарност за досегашната континуирана помош и поддршка од Република Словенија и изрази очекување за уште поизразена поддршка, со цел деблокирање на евроатлантската перспектива на Република Македонија.

Претседателот Иванов ја истакна и важноста на заедничката иницијатива на Република Словенија и на Република Хрватска, процесот Брдо-Бриони, чијшто домаќин овој месец ќе биде Република Македонија, како можност за отворен дијалог по сите прашања кои се важни за земјите од регионот и за јакнење на регионалната соработка.

Претседателот Иванов и премиерот Церар разменија мислења и за предизвиците од илегалната миграција и притоа ја потенцираа неопходноста досегашната успешна соработка меѓу надлежните институции да продолжи и во иднина, со цел поголема регионална стабилност и безбедност.