24/04/2024
Македонија

Претседателот Иванов прими наградени ученици од ООУ „Лазо Трповски“ на натпревар за воздушен и вселенски сообраќај во Берлин

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов и сопругата г-а Маја Иванова, денеска ги примија учениците четвртоодделеци од ООУ „Лазо Трповски” – Скопје, кои беа наградени на традиционалниот меѓународен училиштен натпревар за воздушен и вселенски сообраќај 2018 кој се одржа во Берлин, Германија.

Честитајќи им за добиената награда за освоеното седмо место во конкуренција од над 150 учесници, претседателот Иванов на младите им посака уште многу вакви тимски успеси во иднина. „Сите вие што освојувате награди заслужувате чест и внимание”, порача македонскиот претседател.

Учениците се заблагодарија за приемот и истакнаа дека имаат повеќепати учествувано на овој меѓународен натпревар со досега три пласмани во финале, а пред две години на истиот натпревар го освоиле десеттото место.

Проектот за кој македонските ученици беа наградени на меѓународниот натпревар во Берлин е изработка на автентичен модел на товарниот авион од флотата на Ербас: Ербас Белуга во размер 1:200. Натпреварот е во организација на Сојузното германско здружение за воздушна и вселенска индустрија од Берлин во соработка со Сојузното министерство за економија и енергија на Германија, Сојузното министерство за образование и истражување на Германија, Луфтханза Техник АД и концернот ЕАДС (во чиј склоп влегува и познатиот производител на патнички авиони Ербас).

Наградата и дипломите на наградените ученици им ги врачи директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство на Република Македонија, г. Горан Јандреоски.

ucenici_natprevar