18/04/2024
Македонија

Претседателот Иванов во посета на јужната граница

Претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили Ѓорге Иванов, денеска беше во посета на јужната граница на Република Македонија, за да се информира за тековните состојби и активностите што се преземаат од страна на Армијата на Република Македонија, Агенцијата за разузнавање, ЦУК, Граничната полиција и контингентот на странските полициски сили, како субјекти вклучени во соочувањето со нелегалната миграција.

Претседателот Иванов изврши обиколка на караулата Богородица и привремениот транзитен центар во близина на Гевгелија, на капацитетот за сместување на припадниците на АРМ во Богданци, како и на караулата Езеро во Дојран.

За време на посетатa на караулата Богородица, претседателот Иванов изврши увид во моменталната состојба на македонско-грчката граница. Од страна на припадниците на АРМ беше информиран за обидите за нелегално минување на државната граница во изминатиот период, како и за тактичките мерки и активности кои се применуваат во спречувањето на нелегални минувања на јужната граница. Од страна на надлежните институции беше посочено дека во изминатите 3 месеци е спречен обид на околу 3300 илегални преминувања на јужната граница од мигранти, кои во најголем број доаѓаат од Блискиот Исток.05

Претседателот Иванов го посети и привремениот транзитен центар во Гевгелија, каде беше информиран за работата на хуманитарните организации, од страна на ангажираните во Црвениот Крст, Меѓународната организација за миграција, Агенцијата за бегалци при ОН, кои се распоредени таму и притоа изрази поддршка за нивниот континуиран придонес и ангажман.

Македонскиот претседател разговараше и со мигранти кои во моментот престојуваат во транзитниот центар, и се информираше за условите и третманот кои тие го добиваат за време на нивниот престој во центарот. Воедно, претседателот Иванов се сретна и со полициските припадници на странски држави, кои се распоредени во контролирањето на теренот на јужната граница, во поддршка на македонските безбедносни сили.

Во рамките на обиколката на јужната граница, македонскиот претседател ги посети и објектот за сместување на припадниците на АРМ во Богданци и караулата Езеро во Дојран. При тоа беше информиран за моменталните состојби, предизвиците и начинот на ангажирање на припадниците, во однос на справување со обидите за илегални преминувања на тој дел од нашата јужна граница, како и за условите за сместување и работа на припадниците на Армијата на Република Македонија.

karaula_bogorodica_2