20/04/2024
Охрид

Претставен портрет на Видое Видически и прикажан видео-проект во чест на Григор Прличев

Вчера, 6 февруари во чест на големиот македонски поет и преродбеник Григор Прличев во Охрид се одржаа традиционалните „Прличеви беседи 2019“.

Во Прличевата одаја во НУ Библитоека „Григор Прличев“ се одржа Портрет посветен на роднокрајниот поетот и писател Видое Видически. Настанот го отвори директорката Гордана Змејковска:

„Григор Прличев со многу нешта не задолжил да го славиме неговото име. Во овој милениумски Охрид по Прличев се родиле и твореле бројни поети и писатели кои му се заветиле на Охрид и на Прличев. Еден од нив е и нашиот поет, писател и драмски автор Видое Видически кој е маркантна фигура во охридската и македонската литература. Тој е познат општественик и основач на низа институции од областа на културата во Охрид и регионот. Еден период бил и вршител на должноста директор на тогашната Градска а сега НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид. Поводот токму денеска да го одржиме портретот за него е добиената највисока општинска награда за животно дело Свети Климент Охридски – Патронот на Охрид,“ – рече Змејковска.

Видически минатата година стана добитник на највисокото општинско признание наградата за животно дело „Св. Климент Охридски – Патронот на Охрид“.

За неговото творештво беседеа неговите колеги: Горјан Петревски и Славе Ѓорѓо Димоски.

Видое Видически е роден во Охрид, во 1931 година. Зад себе има богат и разновиден опус како поет, раскажувач и драмски автор. Во поезијата дебитираше со стихозбирката „Сини питоми утрини“ во 1959 година. Потоа ги објави поетските книги „Вечерен пејзаж од градот“, „Песни за потопот“, „Кажување на задоцнетиот пророк“, „Вие“ и „Биље крај езерото“. Неговата поезија преведувана е на италијански, француски, руски, турски и романски јазик. Автор е на збирката раскази „Заробеници на вечерните игри“ и на драмите „Бреговите се немирни“ и „Балада за орканата“.

Бил основач и прв директор е на Радио Охрид, директор на Домот на културата во Охрид, еден од основачите на „Охридско лето“ и негов раководител, како и покренувач на манифестацијата „Прличеви беседи“. За своето творештво е добитник на низа признанија, меѓу кои Наградата на РТС на Струшките вечери на поезијата, Наградата за најдобра книга меѓу два саема, Седмоноемвриската награда на Охрид, и наградата на „Дијалог“ за најдобра поетска книга во 2009 година.

Видое Видически во 2018 ја доби наградата „Книжевно жезло“, што Друштвото на писателите на Македонија ја доделува за поетски опус со високи естетски вредности.

По портретот беше прикажан 30 минутниот видео проект „Од животот на Прличев“ чиј автор е м-р Милчо Јованоски, вработен во библиотеката. Идејата е овој проект наскоро да го одгледаат сите ученици од деветтите одделенија во општините Охрид и Дебрца. Првата средба со Прличев основците според наставната програма ја имаат токму на таа возраст.

Голем број охриѓани во текот на вчерашниот ден се поклонија и положија свежо цвеќе на гробот на Прличев, а присуствуваа и на настанот „Стихови и звуци“ во куќата на Прличев.

На споменикот на Прличев пред библиотеката беше положено свежо цвеќе и ловоров венец. Беседа за бессмртниот Прличев и неговата поема „Сердарот“ одржа секретарот на Друштвото на писателите на Македонија Мишел Павловски.

Чествувањата во знакот на Прличев во охридската библиотека ќе бидат заокружени со традиционалната Охридска визита.