Презентација на EXIM системот пред претставници на Меѓународната агенција за атомска енергија

Во рамките на мисијата за проверка на усогласеноста на прописите околу контрола на сите извори на јонизирачко зрачење на територијата на Република Македонија, што на предлог на Дирекцијата за радијациона сигурност ја спроведува специјализирано тело на Меѓународната агенција за атoмска енергија, специјализирано за интегриран преглед на регулаторна рамка која се обезбедува од МААЕ (Integrated Regulatory Review Service), во просториите на Царинската управа, вчера (31.10.2017 година) беше презентиран едношалтерскиот систем EXIM за издавање на извозни и увозни дозволи и распределување на тарифни квоти.

Во рамките на мисијата се оценува и вршењето на инспекциски надзор во врска со јонизирачкото зрачење и издавањето на предметните дозволи што исто така се опфатени со EXIM системот.

Во рамките на посетата беа претставени оперативните постапки, оперативните капацитети и опремата со која располага Царинската управа и ја применува во секојдневното работење за контрола на границата при пренос на радиоактивни материјали.

При презентацијата беше потенцирана добрата соработка помеѓу сите институции кои делуваат на граница и дејствувањето на царинските службеници за успешна контрола и нивно постапување во случај на откривање на зголемено радиоактивно зрачење.

Од мисијата ќе произлезат препораки и конкретни предлози за подобрување.