19/04/2024
Македонија

Презентација на студија „Превенција, идентификација, пријавување, упатување и заштита во случаи на насилство врз деца- преглед на национални механизми за одговор

Насилството врз децата и според тежината на можните многунасочни последици мора да биде окарактеризирано како убедливо најтешка форма на насилство и на секому од нас ни е јасно дека во корпусот на човековите права и слободи, правата и заштитата на децата го имаат примарното место и секое општество е обврзано и должно, преку своите институции таквото примарно значење практично да го демонстрира со квалитетен и крајно ефикасен систем на заштита на децата, рече министерот Оливер Спасовски на денешната презентација во Скопје на студијата „Превенција, идентификација, пријавување, упатување и заштита во случаи на насилство врз деца- преглед на национални механизми за одговор“, истражувачки труд на “Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство“, изработена во партнерство со Kанцеларијата на УНИЦЕФ.

„Од 903 кривични дела на семејно насилство минатата година, во рамки на кои се евидентирани 976 жртви, покрај жените кои се бројно најголем дел од вкупниот број жртви, евидентирани се и над деведесет деца- жртви на семејно насилство. За жал, низ полициската практика среќаваме деца жртви и во областите на малолетничка деликвенција, во делот на трговијата со луѓе, трудовата експлоатација, па се до дела од областа на сексуалната експлоатација. Независно што е крајно сложено работењето во такви случаи, полицијата мора максимално ефикасно да ги исполни таквите задачи. И ние тоа го правиме, бескомпромисно и доследно“, рече Спасовски.

Иако нормативната репресивност, односно документирањето и санкционирањето на таквите дела е исклучително важен фактор во справувањето со насилството врз децата, тоа е една алка од механизмот за заштита на децата, и не може да биде концепт сам по себе.

„Впрочем, од увидот во студијата што денес се презентира очигледна и потврдена е нужноста од сеопфатен, системски, меѓуресорски и меѓуорганизационен пристап, како на локално така и на државно ниво. Се разбира нашата држава веќе има, следствено европските стандарди и практики, воспоставено регулативен систем кој што обединува повеќе институционални сегменти во насока на заштита и превенција од насилството врз децата. Вклучително и постоењето на Национално координативно тело за заштита на децата од злоупотреби“, рече Спасовски.

Министерството за внатрешни работи во делот на превентивното делување е активен учесник и промотор во проекти посветени на заштита на децата – бидејќи врз основа на сите наши аналитички податоци и оперативни искуства, рече Спасовски, неспорно е дека превентивното дејствување е од суштинско значење во успешната заштита на децата од насилство.