28/03/2024
Охрид

Презентација за финансиската поддршка на инвестициите

Во организација на Локалната самоуправа, денес се одржа презентација за финансиската поддршка на инвестициите, на која учествуваа охридски стопанственици и вработени во Секторот за туризам и локален економски развој. Овој важен проект на Владата на Република Македонија го претставија министерката за странски инвестиции Зорица Апостолска и експерти од Фондот за иновации.Пред присутните се обрати градоначалникот Јован Стојаноски.

„Денешната средба е вистинска можност за нашите стопанственици да се запознаат со деталите за финансиска поддршка на инвестициите, која ја обезбедува Владата на Република Македонија. Со овој проект се очекува да се подобри продуктивноста, квалитетот, знаењето, подготвеноста за соработка со странските партнери и освојувањето на нови пазари.

Донесувањето на новиот Закон за финансиска поддршка на инвестициите, ја означи законски нормираната рамка за финализирање на иницијативата за поддршка на успешните македонски компании и зголемување на нивната конкурентност и инвестициска активност. Мерките за поддршка, кои ги предвидува овој Закон, за компаниите ќе значат можност да постигнат многу подобри резултати, да го прошират производниот асортиман, да го зголемат бројот на вработени лица, да ги зголемат и да ги прошират своите извозни потенцијали преку настап на странски пазари.

Со законот за финансиска поддршка на инвестициите се изедначуваат домашните и странските инвеститори, а се работи за многу важен закон, максимално транспарентен и поддржувачки за сите компании во земјава.Аплицирањето за државна поддршка ќе се одвива според претходно дефинирани критериуми, за кои подетално ќе стане збор на денешните презентации.“ – рече градоначалникот Стојаноски.

Министерката за странски инвестиции Зорица Апостолска рече дека се работи за исклучително важен проект кој произлегува од Законот за поддршка на инвестициите и е дел од владиниот пакет мерки за побрз економски развој.

„Економските политики на Владата на Република Македонија, во првиот дел на годинава ги дадоа очекуваните резултати и уверена сум дека ќе се продолжи со таква динамика. Очекуваме дека економскиот раст ќе се интензивира со нашето зачленување во НАТО и почетокот на преговорите за влез во Европската унија.“ – рече Апостолска .

На средбата присутните стопанственици се интересираа за деталите на финансиската поддршка на инвестициите, начинот на аплицирање и бенефитите кои можат да ги имаат нивните компании.