20/04/2024
Дебрца

Презентиран Проектот „Археолошка топографија на старите градови и тврдини во општина Дебрца 2018“

Денес во Општина Дебрца беа презентирани резултатите од Проектот „Археолошка топографија на старите градови и тврдини во општина Дебрца 2018“. Во рамките на проектот се изврши археолошки мониторинг на 10 најзначајни археолошки локалитети со цивилизациски карактер на територијата на општина Дебрца, изработка на археолошка, техничка, наративна и илустративна фото/видео документација.

Средствата за реализација на проектот, во износ од 100.000 денари се обезбедени од буџетот на општина Дебрца, конкретно од Програмата за развој на културата во 2018 година, а истражувањето го спроведе истражувачкиот тим на Филозофскиот факултет Скопје.

„Општина Дебрца е една од врвните оази на природното и културното наследство во Република Македонија, а дека е така факт е и тоа што дел од општина Дебрца е дел од заштитеното подрачје, односно дел од Светското природно и културно наследство заштитено од УНЕСКО. Ние, поаѓајќи од основната заложба, односно нашата визија општина Дебрца да ја промовираме во атрактивна природна, културна и археолошка туристичка атракција и дестинација во текот на оваа година согласно овогодишната програма за развој на културата на општина Дебрца во 2018 година, го спроведовме Проектот „Археолошка топографија на старите градови и тврдини во општина Дебрца 2018“. Ние и во наредниот период продолжуваме со соработка и понатамошни истражувања, најнапред сакаме дел од овие истражувања да ги внесеме во една посебна брошура, а понатаму да извршиме и детални истражувања, со што во наредниот период акцентот ќе го ставиме пред се на требенишкото Кале, требенишката некропола која е светски позната, а многу малу се знае кај нас, посебно во општина Дебрца, а токму оваа година се навршуваат 100 години од пронаоѓањето на првите златни маски во 1918 година. Сите овие истражувања претставуваат значаен импулс за туристичката понуда на општина Дебрца. Сакаме стариот Задружен дом во село Требеништа да го пренамениме во своевиден музеј, односно во Дом на археолошките вредности на општина Дебрца и тука да бидат изложени, кога не можат оригиналите, барем реплики на тие археолошки вредности, не само  тие кои се откриени на требенишкото Кале, туку тука да бидат сместени сите археолошки вредности од сите археолошки наоѓалишта во општина Дебрца. Се обидуваме да пронајдеме средства од Европските фондови и ако тоа успееме да го направиме, тој Дом би претставувал значаен елемент и сегмент на  археолошката туристичка понуда на општина Дебрца.“ – изјави градоначалникот Зоран Ногачески.

Презентацијата ја изврши раководителот на истражувачкиот тим, Проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамс.

„Во моментов немаме точен број на културно-археолошки локалитети, но би рекол дека има повеќе стотини, можеби и накај илјада. Ние заедно со Општината и Градоначалникот се определивме да посветиме внимание на локалитетите што поседуваат цивилизациско значење, тоа се старите градови и тврдини, тоа се всушност врвни културно-археолошки трезори кои што се на некој начин пристапни и први со својата атрактивност, со остатоците од одбранбените ѕидини и по некој внатрешен објект што нешто е почнато да се открива, а нешто допрва ќе се открива, да бидат чаас поскоро внесени во една јавна употреба за туристите. Централен најголем локалитет е требенишкото Кале. Се работи за антички град, град кој што живеел во некоја предисторија, која не можеме сега без археолошки ископувања да ја дефинираме. Она што го видовме и што го заклучивме со нашите мерења има површина од 5 и пол хектари. Оваа година успеавме да видиме дека се проширува и постар град и антички вон постоечкит видливи градски ѕидини кои што може да се видат, така што тој може да има 6 или 7 хектари, а тоа би требало да го покажат понатамошните истражувања во наредната година. Постојат индиции за околу 2-3 некрополи околу овој град и можеби некаков заштитен кастел. Тоа би било за тој локалитет, но и останатите не се за занемарување. Мислам дека има уште 2-3 локалитети кои што јас би ги нарекол градови, Кула Песочани, Кула Годивје, Градиштето Слатино се веќе мали градчиња, фантастични локалитети кои се ретки дури и во регионов. Имаат и поволна позиција каде што поминува магистралата, ние тука ќе се обидеме да ги задржиме туристите. Тоа е таа спрега помеѓу Општините, археолозите, туристичките работници, па и нормално Музеите. Значи крајната цел е да се заработува од културно-археолошкиот туризам.“ – изјави Проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамс.

WebOhrid