28/03/2024
Македонија

Прилепскиот театар одбележува 68 години од постоењето

Првата театарска изведба во прилепскиот театар била на 18 февруари 1950 година, кога претставата „Кир Јања” од Ј.С.Поповиќ, во режија на Аце Михајлоски, наишла на одличен прием кај публиката. Театарот „Војдан Чернодрински“ и денес го има приматот на театарска куќа на чија сцена редовно се случуваат праизведби на текстови од македонски драмски автори …

Со изведбата на култната претстава „Од кол на кол“ во режија на Коле Ангеловски, Tеатарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп в понеделник (19 февруари) ќе одбележи 68 години од формирањето. Ова е втора најгледана претстава во историјата на Tеатарот, веднаш по „Солунски патрдии“. Претставата од „Кол на кол“ на репертоарот е веќе десет години, а досега е одиграна 115 пати.

Богатата историја на Театарот од Прилеп испишува повеќе од 370 премиерни изданија, над 7500 претстави кои наидоа на голем прием и позитивни одгласи кај домашната публика и стручната јавност. Претставите на Театарот се наградени со значајни театарски признанија, меѓу кои: претставата „Тапани во ноќта“ од Брехт, во режија на Мартин Кочовски, меѓу другото, освои три награди на фестивалот „МЕСС“ во Сараево, а „Кавкаскиот круг со креда“ пред седум години беше прогласена за најдобра претстава на фестивалот „Екс Понто“ во Љубљана, Словенија. Голем успех досега постигнаа и претставите „Силјан Штркот” „Кумови”, „Собирен центар”, „Туѓо сакаме свое не даваме”, „Молам за секс“, „Спиро Црне” „Колобан” „Арсениј”, „Полковникот птица”, „Опера за три гроша” од Брехт и др.

Првата театарска изведба во прилепскиот театар била на 18 февруари 1950 година, кога претставата „Кир Јања” од Ј.С.Поповиќ, во режија на Аце Михајлоски, наишла на одличен прием кај публиката. Театарот „Војдан Чернодрински“ и денес го има приматот на театарска куќа на чија сцена редовно се случуваат праизведби на текстови од македонски драмски автори.

Во моментов на репертоарот се три претстави: „Клетници“ од Виктор Иго, во режија на Мартин Кочовски; „Ништо без Трифолио“ од Р. Богдановски, во режија на Коле Ангеловски и „Хроника на еден сон“ од Ивана Нелковска, во режија на Ивана Ангеловска.