29/03/2024
Македонија

Прием за учесниците на 47-то издание на фестивалот за детски песни „Златно славејче“

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, вчера ги прими учесниците на 47-то издание на фестивалот за детски песни „Златно славејче”, што се одржува под негово покровителство.

Претседателот Иванов упати честитки за успешното реализирање на фестивалот, што се одржа по четириесет и седми пат, посакувајќи следната година уште многу нови детски хитови, коишто ќе бидат обележје за идните генерации.

Златните славејчиња низ песна се заблагодарија за денешниот прием како и за континуираната поддршка од македонскиот претседател. Директорот на фестивалот Бобан Јосифовски изрази задоволство што „Златно славејче” од година во година забележува се поуспешна реализација.

Како и минатата, така и оваа година, на фестивалот учествуваа гости од соседните земји кои своите песни ги изведоа на македонски јазик. Првиот ден од секое издание на фестивалот има хуманитарен карактер и е наменет за децата со посебни потреби.

Првото издание на фестивалот „Златно славејче” се одржал на 23 мај 1970 година, во организација на Сојузот за грижи и воспитување на децата на Град Скопје. Оттогаш традиционално, веќе 47 години, во рамки на одбележувањето на ослободувањето на градот Скопје, 13-ти ноември, „Златно славејче” е дел од музичката лектира на најмладите.