24/04/2024
Македонија

Процедура за потпишување на Договорот за взаемно признавање на возачките дозволи со Сојузна Република Германија

Вчера, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски се сретна со г. Александар Бузлески и г.Александар Камберовски, преставници на Иницијативниот одбор за признавање на македонските возачки дозволи во Сојузна Република Германија.

На средбата, претставниците го информираа министерот дека преку онлајн иницијативата се собрани 42 илјади потписи кои иницијативниот одбор ги добил како поддршка на нивната иницијатива за признавање на македонските возачки дозволи. Тие го потенцираа значењето на регулирањето на ова прашање, особено што во СР Германија живеат и работат голем број на македонски државјани за кои ова би претставувало значително олеснување.

Министерот Спасовски се заблагодари на интересот и поддршката и истовремено ги информираше преставниците дека процедурата за потпишување на Договорот за взаемно признавање на возачките дозволи е во завршна фаза, поточно дека текстот на договорот е усогласен помеѓу двете страни и формални пречки за негово потпишување не постојат. Во моментот се очекува одредување на датум за негово потпишување, за што министерот Спасовски изрази верување дека ќе биде наскоро.